За финале на активностите во СОУ “Кузман Јосифоски – Питу” за празникот Халлоњеен или Ноќта на вештерките, била организирана кино вечер со проекција на хорор филм и бал под маски. За загревање на атмосферата во пресрет излегло Кафето “Лидо”. Понесени од духот на празникот, сите добиле можност да ја изразат својата креативност преку најразлични супер – интересни маски. Идејата била прифатена и од дел од професорите и директорката на училиштето Наталија Ацеска. “Да не останат покусо”, учествувале и гимназијалците кои биле одличен пример за меѓушколска соработка. За возбудливата “ноќ” економистите спремиле пуканки и грицки, сите гости вистински да уживаат во филмот, а после тоа диџејот се погрижил за доброто распложение со тематска музика.
Најголемиот дел од комуникацијата, сите предлози и договори се одвивале преку Фејсбук каде профилот на Англиската секција има 24 часовен нон-стоп контакт и координирање. Таму паѓале сите договори, се давале предлози за филмови и музика. Учениците со гласање одбирале што сакаат да гледаат и слушаат. Комуникацијата на социјалната мрежа во целост била на англиски јазик за со празникот да се вежба и подобрува јазикот.
Идејата е полн погодок зашто ги доближи и ги научи учениците на традицијата на прославување на празникот во САД, како и да го донесе духот и да ја разбие монотонијата од училишните часови. Учениците преку работилници и останати активности се стекнувале со организациски вештини, ги зајакнувале компјутерските умештва како и знаењата за комуникација и претприемништво преку продажбите и реализацијата на проектот.
Собраните средства се наменети за добротворни цели со што учениците почувствувале од прва рака што значи хуманост.