Петар Темелковски, актер

“Монодрамата како театарски производ е прилично тешка. Не им забележувам на колегите што не се зафаќаат со ваков залак. “Филип Втори” го играв 145 пати. “Децата на сонцето” 42. Монодрамата бара голем труд. На младите колеги им препорачувам кога работат монодрамски текст да придонесат да трае подолго, повеќе. Мора да се најде форма да се донесат сите елементи на една личност. Ако се направат фактографски, можат да бидат интересни за одделни кругови. Да ги консумира секој, мора да им се најдат карактерите на ликовите. Работејќи го Филип Втори открив дека бил шармантен човек. Од тие причини го поставив ликот на Јустинијан, но и на Вапцаров, “Јане Сандански”. Сакам да ги доближувам ликовите до луѓето, кои треба да знаат дека, еве, Јустинијан бил голем човек. Целосно ме исполни ликот, кој ми беше чест да го пренесам на сцената”.
Вака вели Петар Темелковски кој деновиве премиерно ја изведе монодрамата “Јустинијан Први”.
Според него, нашата историја е затрупана во заборав и чека тој заборав да го откорнеме како имела, како паразит од еден еукалиптус, од дрво за да може да расне со крошните кон сонцето.
– Да бидам искрен, монодрамите за Јане Сандански, Филип Втори и Јустинијан Први се три столбови за причината зошто се бавам со уметноста. Сакам да просветлувам. Луѓето да знаат за нашите истакнати луѓе од историјата. Монодрамата, освен што има уметничка вредност, има и едукативна мисија – вели Темелковски, потенцирајќи дека играјќи го Јустинијан му било поважно отколку како да го играл Крал Лир.
Драга награда
– Интимно сум поврзан со градот, со Фестивалот “Војдан Чернодрински” и многу ми е драго што ја добив третоноемвриската награда. Таа е потврда за мојата заложба МТФ да биде репрезентативен фестивал што го промовира Прилеп – изјави Темелковски по соопштувањето дека е добитник на наградата диплома Трети Ноември, што ќе му биде врачена утревечер.
![]()

