Историја
По четири “посни” години, Победа се врати во втората југословенска лига и во сезоната 1986/87 успеа да избори опстанок. Меѓу најзаслужните беше Сашо Тодоровски. Играше во средина и напад, даваше голови.
– Клучен меч е пролетта дома со Напредак од Крушевац. Дадов гол со глава во 90 минута, за 1-0 и спасоносни два бода. Радоста беше огромна, ме носеа на раце – се сеќава Тодоровски.
Доаѓаа по 10 и повеќе илјади гледачи. Во недела течеа реки народ кон стадионот. Тодоровски, иако дојден од главниот град, дете на Вардар, се одушевувал на Прилеп.
– Тука се живееше за фудбал. Прилеп е најфудбалскиот град – вели Тодоровски, кој играше за Вардар и во Бугарија, а сега е тренер на Еуромилк.