Ракомет: Жито Прилеп во 3. коло на КПК со Иси Париз
Има девет репрезентативки и три интернационалки
После двете победи над шведскиот Лундагард, на 10 октомври во “Сонце” во 3. коло од европскиот КПК, Жито Прилеп ќе го пречека францускиот Иси Париз Хенд. Според првичните информации, ривалот е мошне силен, еден од најсилните кои досега играле во градов. За тоа зборува нивното учество во квалификациите за ЛШ, каде отпадна од германски Лајпциг. Во француската лига е петти.
Последниот меч е загубен 23-19 од првакот Флеури. По заминувањето на голманката, Бразилката Песо, меѓу преостанатите 16 првотимки се девет репрезентативки и три од странство. Во А репрезентација се голманката Атингре, пивотот Гуџо, бековите Спенсер и Сигнате со 377 гола на 128 меча. За јуниорска настапуваат Лесурс и Морето, за кадетска Накате, Кејта и Мосабау. За квалитетот придонесуваат интернационалките, Залевски (Полска), Мордал (Норвешка) и особено Тошковиќ (Црна Гора), висока 189 сантиметри, репрезентативка, која неодамна настапи против Македонија.
Сепак, колку и да се силни, Французинките имаат респект кон Жито Прилеп. Оттука можеби и предлогот двата меча да се играат кај нив. Нашиот клуб одговори на провокацијата контра – двата меча да се играат во Прилеп. Пресече ЕХФ со ждрепката, идната сабота кај нас, по седум дена реванш кај нив, во сала со 4. 000 седишта.
Во меѓувреме, одигран е првенствен суперлигашки меч на гости, 21-27, триумф над Кичево. Синоќа беше дуелот дома со Металург јуниор, а во вторник (18 ч.) пак дома со Кожувчанка од Штип.