Прилепскиот надарен скулптор Драга Попоски – Дадата, кој живее во Скопје и уште е во творечка кондиција на 79 годишна вораст, му предлага на градот да го предаде извајаниот споменик за првиот гласноговорник со тапанче – Дуче, а што не го направил српскиот пратеник пред војната Василие Трбиќ. Дадата информира дека веќе имал подготвено интересна креација на Дуче во мермер, во не така импозантни димензии, која може да се постави на некоја фреквентна локација во чаршијата, да сведочи за овој човек, кој бил првиот информатор на градот.
– Како што се сеќавам на Дуче, кога како деца трчавме, додека тој тропаше на барабанчето и информираше за градските случувања како песна по маалата, така го претворив во споменик. Сметам дека Прилеп е должен да го извади Дуче од минатото и да го пренесе на сегашните и идните генерации со споменик за век и веков. Ако фигурата не е соодветна, подготвен сум да создадам дело за лиење во бронза, а посветено на овој човек кој одбележа дел од градската историја – вели Дадата.
Драган Попоски – Дадата е автор на споменикот на Методија Андонов Ченто, поставен во центарот на градот.