БЕЗБЕДНОСТ НА ТРАНСПОРТОТ НА ПАРИ

Перпетуум мобиле

Гаранција за безбедноста

Женски обезбедувач контролира жени

Фирмата Перпетуум мобиле е агенција за обезбедување имоти и лица со подружница во Прилеп. Етаблирана е од 2006 година. И пред тоа постоела во рамките на Протект од Битола.

Сопственикот Трајче Дамески не го крие задоволството од досегашното работењето на безбедноста на објектите, фирмите, имотот, па и на луѓето. За тоа сведочи податокот што се ангажирани 25 луѓе со соодветните лиценци, кај кои нема пониска плата од 11 илјади денари. Чуваат од “непожелни гости” три фирми. Бизнисот е во подем и очекуваат вработување на 20 луѓе. Ангажирале и жена – обезбедувач, која контролира женски ташни или жени во фабрика. Таа е безбедносен човек на спортски натпревари или други настани, зашто машкиот кадар не смее да дојде во допир со женско лице.

Меѓу еснафот се разликуваат по специјалноста за обезбедување на транспорт на пари. Стекнатата доверба е “заработена” со искуство и беспрекорна заштита на пратките.

– После обуките и лиценцата, добив шанса и доверба од мој пријател да се формира агенцијата во Прилеп, зашто располагаме со капацитет да ги задоволам сите барања и услови што ги бараа муштериите. Моментно обезбедуваме дуќани, куќи и викендички. Располагаме со најдобриот систем за мониторинг во Европа, што функционира беспрекорно. Гарантираме сигурност на имот. Во договорот децидно е нагласено кои се условите на барателите на услугите и нашите. Досега немаме никаков проблем –  вели Дамески.

Главен ангажман е транспорт на пари на и дуќанџиите и сите кои сакаат безбеден пренос на пари. Тоа може да го обезбедат со 199 денари по пратка. Според сумата на парите, расте цената на безбедносната услуга.

– Ова е новина во Прилеп, што е развиена во Битола и Скопје. Се надевам дека ќе успееме да го развиеме овој бизнис со достапноста на цената. За безбедност на крупните пратки располагаме со две специјализирани возила за транспорт на пари. Покрај нив имаме уште 25 возила. Сите вработени поседуваат дозволи за носење оружје и сета законска документација. Очекуваме меѓународна дозвола, што ќе биде прва во нашата фирма, што значи дека ќе можеме да обезбедуваме и на меѓународно тло – објаснува Дамески.

Дамески објаснува дека компаниите одлучуваат да најмат надворешно обезбедување, пред сопствено, поради судските процеси, тужби, компликации, затајување, не сносење одговорност на внатрешните обезбедувачи и други ризици. Затоа се развива бизнисот со Агенции за обезбедување. Најбитно е што фирмата гарантира за финансиска надокнада да се чувствуваат побезбедни со професионалниот пристап. Ги подмируваме сите надоместоци, ја преземаме одговорноста, ако се случи некој инцидент, ако настане некоја штета, се разбира, според дадените услови.  Фирмата мора да располага со 100 000 евра на сметката за исплата на евентуални штети – кажува Дамески.

Тој очекува намалување на агенциите за обезбедување во целата земја на 25 со новиот закон.

– Се прецизираат и се дефинираат условите. Не ќе може да се добие лиценца секоја компанија. Мора да имаат минимум две простории, две возила, одредено количество огнено оружје, нужен мониторинг систем… Законот дава поголеми права на вработените во агенциите, а со тоа ќе даваме поголеми резултати и ќе имаме повеќе клиенти. Тоа ќе влијае на смалувањето на кривични дела –  проценува Трајче Дамески.

Додава дека постојана е грижата за обврската за вработените да  бидат целосно подготвени за интервенции. Темелно се проверува физичката подготвеност. Се одржуваат вежби, па и тренинзи со огнено оружје, според годишната програма на фирмата. Вработените се усовршуваат со нови обуки, пренесени од соработката со врвни стручнаци во оваа област.

Loading