Пет милиони евра за локални патишта
Целата општина е поврзана со асфалт со градот или со регионалните и магистралните патишта.
– Прилеп е најдобра општина со инфраструктура, со патишта за населените места. Вложени се околу пет милиони евра за стотина километри. Останува уште асфалтна лента да се постави за селата Алинци и Шелеверци долга 2,5 км. И за месноста Маркова Чешма ќе се оди по асфалт од 617 метри. Локалната самоуправа даде пари до еден километар. Агенцијата за патишта и Европската банка за обнова и развој одобрија средства за финансирање на патиштата и за овие села. За асфалтна покривка ќе останат уште селата Бешиште и Полчиште во Мариово и селата Крстец и Марул – изјави градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.
Жителот на селото Шелеверци Атанас Кузманоски очекува патот да ги врати иселените на родните огништа, зашто земјоделството има перспектива.
– Десетина семејства се вратија да работат тутун, житарки и да одгледуваат овци и крупен добиток. Асфалтниот пат ќе го забрза враќањето на населението во селото, оддалечено десетина километри од градот. На луѓето им се олеснува животот в село, оти ги загубија работните места во градот – вели Кузманоски.
Асфлатна врска добијаа и жителите на селата Бонче, Загорани, Веселчани, Боротино, Радобил, Штавица, Дуње, Подмол, Селце, Лопатица и Манастир. Се работи на поврзување на Беровци со Галичани, а после ќе се гради патот Клепач – Ерековци. Со Мермерскиот комбинат се обнови патот до вештачкото езеро, се обнови стариот пат за Битола до селото Галичани. Иако е во општина Долнени, на прилепска иницијатива ќе се асфалтира патот за манастирот Зрзе, што е битно за доближување на светилиштето до туристите. Локалните власти ќе трагаат по средства за патот за манастирот Света Петка кај Лениште. За манастирот во Дрен и Смолани ќе бараат средства од други извори, оти должината е околу 12 км.
Околу 20 илјади жители се поврзани со асфалтни патишта, вклучително и населени места од соседните општини Долнени, Кривогаштани и Крушево.
Се гради патот за Трескавец
Работниците и машините на фирмата Гранит ги поставија првите 350 метри асфалт на патот за манастирот Успение на Пресвета Богодордица – Трескавец. Манастирскиот бисер ќе се доближи за една година, иако патот е долг само 7,5 км. На градежниците не им оди лесно, поради карпестиот предел. Се совладува височина од 600 метри, бидејќи подножјето е на околу 700, а манастирот на околу 1300 метри надморска височина.
За развој на манастирскиот туризам се изгради патот за манастирот Свети Никола во селото Манастир во Мариово и за манастирот Свети Димитрија во селото Селце.
Министерството за транспорт и врски издвои околу1,5 милиони евра за патот за манастирот Трескавец.