Во гимназијата “Мирче Ацев”
Теодора Кочоска, од трета година во Гимназијата го добила златниот медал од сојузот на пронаоѓачите и авторите на технички унапредувања на Македонија и ги воодушевила универзитетските професорите на саемот “Макинова” во Скопје. Наградениот изум лани на првенството по физика, пиезо електричен мерач на звук, и донел покана да биде експонат на Саемот.
Пронајдокот на Теодора бил највисоко оценет според иновативност, практичноста, применливоста и финалниот изглед. Бодувањето било со теоретско објаснување на изумот и практичен приказ. Со итри прашања, жирито од професори оценило дека делото е целосно и самостојно изработено од идеја до реализација. Жирито прашувало за намерите за доразвивање или модифицирање на изумот. За тоа треба баждарење, што ќе е лесен зафат. Интересно е што мерачот на звук во децибели, може да се претвори во мерач на светлина во луксови со мали измени. Теоретска поддршка Теодора добивала од професор по физика Ана Велјаноска.
На саемот учествувале повеќе млади пронаоѓачи од различни возрасти во категориите информатика, физика, електроника и медицина. Конкуренцијата ја засилиле и учесници од Србија, Хрватска и други балкански земји на 55- годишнината од македонското иновативното творештво.
Кочоска подготвува нов изум, но не открива многу за него.
Златниот медал е голема сатисфакција за младиот пронаоѓач, но и “бонус” за запишување на електро – техничкиот факултет.