Околу 350 егзотични птици и некои други мали домашни миленици, изложени во кафези привлекоа стотици љубители на “пердувите” во Центарот за култура. И градоначалникот Марјан Ристески не одолеа на атрактивноста на преливите во различни бои на пердувестото руво на птиците. Се воодушевуваше на пауните, фазаните, пајчињата, гуските, гулабите, кокошките, петлите, врапчињата… Десетина одгледувачи на украсни птици од градов, членови на здруженито на љубители на птици Трагопан, а и од други места, кај стотина сограѓани ја разбудија љубовта кон птиците и ги предизвикаат да вдомат некои за миленици.
Одгледувачите велат дека пауните се најскапи и чинат до 500 евра, а најефтини се некои видови гулаби, кои можат да се ранат во кафез на балкон и за десет евра чифт.
Десетина запаленици организираа и берза на птици. На едно место се најдоа и продавачите и муштериите. И Грци купуваат наши “пилиња” да им ја разубавуваат глетката во дворовите во селата околу Лерин, Воден и Кожани.
Локалната самоуправа, по идеја на одгледувачите на украсни птици, создаде мала рајска градина со десетина чифта различни птици, кои можат да се видат во дотераните куќарки на дел од Паркот на револуцијата.