Името на научникот Евангелиста Торичели е мошне познато. Во сите училишта каде се учи физика, не може да не се спомне Торичели. Бил познајник и соработник на Галилео Галилеј. Во едно наше списание сретнавме некој текст во кој се изнесуваат определени податоци за животот и за работата на Торичели. Една реченица во написот гласи: “Торичели го ИЗУМИЛ барометарот”. Што ќе разбереме од оваа реченица? Секако, не она што мислел авторот на текстот. Тој сака да ни каже дека Торичели го ИЗМИСЛИЛ, го ПРОНАШОЛ барометарот. Но исказот не е јасен. Во македонскиот јазик глаголот ИЗУМИ (ИЗУМИЛ) значи заборавил и излегува дека Торичели го заборавил барометарот. Бараме во Речникот. Таму стои (некако срамежливо) именката ИЗУМ но, глаголите ИЗУМИЛ, ИЗУМУВА и слично се предадени токму со зборовите – ЗАБОРАВИЛ, ЗАБОРАВА. Вистинскиот збор за она што го пронашол Торичели е ПРОНАЈДОК, а тој е ПРОНАОЃАЧ, а глаголот е ПРОНАЈДЕ, ПРОНАЈДУВА (ПРОНАОЃА). Значи, Торичели го ПРОНАШОЛ барометарот, а не го ИЗУМИЛ ( ЗАБОРАВИЛ ).
А глаголот ИЗМИСЛИЛ нема и не може да има место во научната терминологија. Всушност, научникот и ништо не измислува. Тој открива, пронаоѓа. Законите во природата постојат, само треба да се пронајдат, да се откријат. Меѓу луѓето можеби ќе го чуеме глаголот ИЗМИСЛИ (ИЗМИСЛИЛ). Дури некој ќе праша за некое литературно дело, за некој роман – “Кој го измислил тој роман”. Не оди тоа. Погрешна е употребата на овој глагол.
Ќе се најде човек некогаш и во амбуланта за Итна помош. Таков е случајов. Докторката млада. Насмеана, ангажирана, прељубезна. Слободно може да се вброи меѓу оние доктори за кои се вели дека ќе те излекуваат со збор.
Прегледува докторката, мери притисок, го мери пулсот. Вели дека притисокот е малку покачен, а пулсот, ОТКУЦАИТЕ на срцето биле добри. Седумдесет ОТКУЦАИ во минута.
Болеста си е болест, но дежурното уво што ги регистрира јазичните грешки, секогаш е будно. Кога ќе чуеме некоја грешка, ако оцениме дека со соговорникот може да се поведе разговор на таа тема, правиме забелешка. Овојпат не се осмеливме. Љубезноста и ангажираноста на докторката беа толку нагласени, така што не сакавме со ништо да ја нарушиме таа позитивна енергија. Не знаевме на каков одзив ќе наиде евентуалната забелешка.
Остана да размислуваме, да се прашаме, зошто лекарите употребуваат многу српски зборови и тогаш кога имаме наши. ОТКУЦАИ – наместо ОТЧУКУВАЊА, КИЧМА – наместо ‘РБЕТ, ЗАПУШЕНИ вени – наместо ЗАТНАТИ (ЗАЧЕПЕНИ) вени и многу други. Разговаравме на оваа тема со една повозрасна докторка. Таа се правда со податокот што учебниците биле на српски јазик. Дури и таа изрази едно негодување, за еден израз кој тогаш не им бил јасен на студентите. Станувало збор за тоа, како да се определи некој сосема мал израсток – “Велик као ЧИОДИНА глава”. Дури отпосле сфатиле дека тоа е големина колку главчето на една игла топуска. ЧИОДА значи топуска.
Сепак, не веруваме дека и денешниве учебници, се на српски јазик, а ете грешките се повторуваат. Исто како учениците од економските и трговските училишта. Додека се на училиште учат дека секој производ наменет за пазар се вика СТОКА. Излегоа ли од училишните клупи, СТОКАТА веднаш станува РОБА.
Мислевме дека со исфрлањето од употреба на машината за пишување (“за куцање”) ќе престане да се употребува тој збор – КУЦАЊЕ, ОТКУЦУВАЊЕ и слично. Но, ете тој пуштил длабоки метастази и кај медицинските работници, а и во многу други области.
Во една пригода, купувавме во една продавница една кутија обланди. Брзавме. И оставаме на касиерката погодни пари и веднаш сакаме да заминеме.
– Ве молам, – вели касиерката. – Дајте ги обландите да ги КУЦНАМ на фискалнава. И ги даваме. Касиерката поминува со кутијата обланди преку црвеното светло, касата титнува, таа чукнува неколку пати по тастатурата и на екранот се појавува цената.
– Ги КУЦНАВТЕ ли? – ја прашуваме шеговито.
– Да, готово, – вели касиерката.
– Можевте и да ги ЧУКНЕТЕ, – и велиме.
Касиерката се смее.
Благоја Ивчески