СЈАЕН АНСАМБЛ Е ПРИЛЕПСКИОТ

Ива Милошевиќ, режисер од Србија

Српската режисерка Ива Милошевиќ првпат креира претстава во македонски театар. Го одбра прилепскиот да ја постави “Многу врева за ништо” од Шекспир, бидејќи текстот подолго време режисерски го осмислувала, чувствувајќи дека има полно допирни точки со духот на реалноста, со 21 век. Претендира на актуелни текстови, трагајќи по нови форми и начин на изразување.

– Текстот е за односот на суетата, моќта и љубовта. Приказна е за младите претставници на општествената елита и за оние кои сакаат да им се приближат или да ја ослабат нивната моќ на различни начини, низ општествено позиционирање, психолошки, емоционално. Направив радикално читање, кое осцилира меѓу темните и светлите тонови. Играме современ, документаристички израз. Се потсмевавме на “шминкерското” милје поврзано со современата кафе – култура било каде на светот. Културата и системот на вредности вклучуваат емитување на Фасхион ТВ на екран во кафуле, во кој гледате хипнотизирани, додека е потребно да комуницирате со некоја личност. Над таа банална, пред сé, апсурдна ситуација, се открива колку современиот човек е смешен во својата загубеност – вели Милошевиќ.

За ансамблот вели дека е одличен.

– Сјајни театарски битија се. Во актерска смисла се отворени за предлозите и идеите. Крајниот резултат има посебен “шлиф” – додава режисерката, потенцирајќи дека во Македонија има долга театарска традиција и школа, шармантни, храбри и енергични актери.

Ива Милошевиќ режирала во белградските театри и низ Србија. Претстави í се прикажувале во Колумбија, Сан Хозе, Мексико, Италија… Добитник е на  наградите за режија  “Бојан Ступица” и ,,Љубомир Муци Драшковиќ” како и на годинешната награда за режија на С.Н.П и Ј.Д.П.       

Смирен Прилеп

Милошевиќ го видела Прилеп како антистресен град, со смирени луѓе со смисла за уживање во животот.

– Луѓето се подготвени да трошат на кафе, храна, на “мерак”.  Исклучително љубезни се и топли – забележува Милошевиќ.

Loading