Олеснувањето на движењето на сообраќајот во градот се врши со регулација низ кружни текови на крстосниците. Градските власти веќе ставија темел на кружниот тек на крстосницата на улиците “Марксова” и “Мице Козар” кај Здравствениот дом и бензинската пумпа на Мак петрол. Ова ќе биде трето решение, по плоштадот Карпалак, каде се вкрстуваат улиците: Булеварот “Гоце Делчев,”, “Јоска Јорданоски” и “Борис Кидрич” и крстосницата кај хотелот Липа на улиците “Гоце Делчев и “Димо Наредникот”.
Бранко Нешкоски, директорот на ЈП за просторно и урбанистичко планирање, го најавува следниот зафат за релаксација на сообраќајот на крстосницата на мостот Табаана.
– Со “напливот” на автомобили за 30 отсто, станува тесно во градот, поради широчината на улиците, проектирани пред децении, кога не се планирал динамичен интензитет на сообраќајот. Времето носи потреба за олеснувањето на движењето на крстосниците со режим на кружни текови. Со тоа се одврзува “мртвиот јазол” на доминантните сообраќајни правци, посебно каде не е обележано, нема хоризонтална сигнализација, ниту светлосна. Сообраќајот, регулиран со семафори, предизвикува застој на одреден начин. Сообраќајот се забавува со кружен тек, но не се сопира. Затоа стануваат популарни во светот, а и кај нас, во делови со силна фреквенција – објаснува Нешкоски.
Според него, вкрстувањето на улиците “Марскова” и “Мице Козар” е приоритетно, отколку на други места. Никогаш не е доцна да се пристапи и на други градски клучки.
– Повеќе од оправдан е кружниот тек кај Здравствениот дом, оти е фреквентно место. Се делат правците за источниот и западниот дел. На кружниот тек, што допрва ќе се гради со шест милиони денари, се судираат пет правци и затекнатата бензинска пумпа. Сообраќајот беше често во застој и предизвукуваше опасност за минувачите и нервоза за возачите. Тука се бензинската пумпа и влезот во Здравствениот дом. Новото решение ги отстранува пројавените слабости и ја зголемува безбедноста на учесниците во сообраќајот. Наедно, го забрзува движењето без опасност, зашто сообраќајките, се случуваат на вкрстувања. Впрочем, кружните текови забавуваат, но се намалуваат ризиците – вели Нешкоски.
Покомплицирано решавање и позаплеткан е јазолот на мостот кај Табаана.
– Таму има шест сообраќајни влива, вклучително со кејските улици. Нужен е кружен тек, и тоа на мостот. Односно мора да се догради мостот и да се изведе решение над речното корито – кажува Нешкоски.
Втор приоритет е вкрстувањето на крајот на булеварот “Маршал Тито” и улицата “Војводинска”, погоре од противпожарнатата, влезот за населбата Точила, индустриската зона, патот за Македонски Брод и за Жито Прилеп, железничката станица и кон улиците “Будимаш” и “Трајко Николоски”.
– Според ГУП, треба излезот на железничката рампа да се прекине и да се поврзе од “Војводинска” со “Трајко Николоски” па право на две нивоа кон сточното пазариште. Железничките јазли во градовите се решаваат со две нивоа или подземно или надземно. Тука да се оформи кружен тек, бидејќи нема никаков приоритет на движењето на возилата – ги кажува Нешкоски сложените решенија што му предстојат на градот.
Тој смета дека се оправадни кружните текови пред Карпалак и хотелот Липа. За крстосницата Солидност вели дека може да се реши со кружен тек, но не е приоритет, затоа што е класична крстосница со соодветна регулација со семафори.
Еко клучка
На сите крстосници може да се направи кружен тек. Потребен е простор. Тоа бара извесен радиус на свртување, дали за тешки или за лесни возила. Ако овозможува просторот, заговорник сум за кружни текови на сите крстосници. Со тоа добиваме заштеда на струја, технички работи кои се поврзани со светлосната сигнализација, заштита на животната средина, застои и заштеда на време.
Речното корито е вентил
– Коритото на градската река е природен јолук за канализацијата и ветровите исток – запад. Тоа е за вентилација на издувните гасови. Не е добро покривање на коритото, затоа што се затвора природната вентилација. Можен е сообраќај на две нивоа. Едниот горе, над нивото на водата, на пет метри со маталната конструкција. Тоа би бил експресен сообраќај од Плетварско џаде до магацините на Центропромет. Недостигот на вода предизвикува ризик за претворање на коритото во шеталиште или паркинг. Треба да се размислува, постојната речна вода да се оплеменува, а за тоа е пречистителната станица. Со тоа водата ќе е чиста и ќе може да се манипулира со нивоа – објаснува Нешкоски.