Пицерија Тијана
Марјан Касоски и Звонимир Галески се сопственици на пицеријата Тијана, позната под името Меџик. Веќе 11 години месат теста, печат, прават различни видови италијански пици во старата чаршија, во реновираниот објект на некогашниот Тиквеш, на површината од 340 м2. Благодарни се на локалните власти за уредувањето на просторот, што им создало место за летна бавча и клима за проширување на бизнисот. Со бекатон плочките и пешачката зона, локацијата станала перфектна, измислена, која ја посакувале и сонувале.
Двајцата партнери работеле насекаде и во градов и во земјава пред да станат сопственици на реномираниот угостителски објект, што нуди, освен пици, ладни и топли сендвичи, од кои се бришат усните со јазикот.
– Ја завршивме работата за други како пиц – мајстори во Кичево. Газдата ја затвори пицеријата и го зедовме целиот инвентар да го платиме за една година. Звонимир е поискусен и ми е учител. Тој е мајсторот, оти работел во Леоне и Фуфо во Скопје, вкупно 17 години. Не сум покусо во праксата со тестата за пици и пиц-мајсторството – вели Касоски.
До откривање на дарбата за пици дошле, трагајќи по работа.
– По професија сум автомеханичар. Тоа е валкано, цел ден да си во масло и во црно. Сега сум во “бело брашно” и тесто. Сите од друштвото работевме во пицерии, кој келнер, кој пиц – мајстор, шанкер… од 17 годишна возраст. Не бев исклучок и го барав лебот со неполнолетни години. Со времето и искуството низ работата, станав мајстор за пици – објаснува Касоски.
“Поискусниот” Звонимир работел кај Каре, Таверна, во Леоне, во Травијата и последно кај Фуфо пред 12 години.
Ортаците не кријат дека брзината на подготовката на пиците ги освои прилепчани и ги “закотви” во Меџик. Подготвуваат за пет минути, во каква и да е варијанта. Често им ѕвонат телефоните да им испратат пица дома по такси. Прилепчани се ориентираат на пици и ја напуштаат традицијата на бурек.
– Пица се прави во добро загреана фурна за 4 – 5 минути. Мајсторилакот е тестото. Тоа треба да е добро искиснато. Не е важна толку дебелината на тестото, оти прво правевме тенки. Не ги бендисуваа, оти сакаат повеќе леб да ги најаде. Правиме пици со секаков прилог – кулени, туни, пршута, буквално сé, во зависност од вкусот. Стандардна и најбарана е “Капричиозата”, со шунка, кашкавал и печурки. Подготвуваме и сендвичи, ладни и печени, хамбургери, чизбургери, посна храна за посните периоди кога месото го заменуваме со соја. Не подготвуваме пастрмајлија, оти нема доволна побарувачка. Умеам, оти сум правел со свинско месо во Кичево – кажува Касоски.
Во Меџик организираат и роденденски забави, оти не служата алкохол освен пиво.