Гимназијалецот Ѓорѓи Десподов дебитира со изложба на уметнички фотографиии. Огненото крштевање на Десподов, кој од седмо одделение ја носи љубовта кон фотографијата, беше со шест тематски фотографии и десет самостојни.
Има 16 години. Домашните постојано го бодрат и поддржуваат во развојот на неговото хоби, за кое тој има амбиции да го преточи во професија. Основното училиште му било тмел за сликање, а подоцна и фотографирање. Големо влијание на творештвото одиграло детството, бидејќи анимираните филмови од Волт Дизни оставиле вечен печат во неговите дела. Индиректно влијание во фото – приказната имала и баба му, која народните приказни му ги раскажувала пластично, па добро знаел што, кога и како да фотографира.
– Сите поминати игри на улица, сите изгледани цртани филмови претставуваат река на инспирација. Можеби тоа звучи чудно и необично, но тоа е белег, по кој луѓето би ме препознале. Од мали нозе најверни другари ми беа блокот и моливот, со кои го претставував замислениот свет. “Летав” дека живеам во бајка толку шарена и незаменлива, но не толку совршено да доживеам среќен крај. Сам постигнувам среќен крај – кажува надежниот фотограф, кој подготвува уште една изложба за во мај.
Сликите и фотографиите му донеле цел грст награди и благодарници. Најдрага му е од манифестацијата во американската амбасада, каде бил почестен да ја пресече роденденската торта за постоењето на институцијата.
Фотографира за да го зграпчи животот и позитивната енергија да ја оформи во перфектен кадар. За него фотоапаратот претставува трето око и живот. Претпочита студиски фотографии, како за модни сесии. Затоа идол му е познатиот “овековекувач на слики” – Тим Вокер. Чека да се пробие во Македонија, па пасијата да ја оживотвори во некој од светските модни центри како моден фотограф.