Катерина Чавлеска – Трпкоска, директор на ООУ “Рампо Левката”
Какво “наследство” имате од вашиот претходник кога дојдовте до раководната позиција?
– Само месец и пол сум директор. Уште се вклопувам во менаџерската позиција, бидеќи бев наставник по германски јазик од 2004-та година. Уште ми недостасува директниот контакт со учениците. Претходно од 2002-ра, бев наставник по англиски јазик во селото Обршани. Импресивно е наследството од поранешната директорка Соња Блажеска. Се успеа комплетно да се смени покривот, реновирани се петте санитарни јазли, сменет е подот и дограмата, инвентарот во училиштето, а училиштето има нов лик со новата фасада. Реновирана е фискултурната сала и соблекувалните. Целосно е извршено молерисување и малтарење внатре и надвор. Од двете подрачни училишта, едно во селото Селце каде настава изведува еден наставник за 11 ученици и во селото Витолиште со два ученика, комплетно е реновирано училиштето во Селце. Тоа е постигнато со помош на министерството за образование, локалната самоуправа и швајцарската амбасада. Останува да ја продолжам успешната соработка и да воведам нови проекти и позитивни практики.
Колку ученици следат настава и со каков кадар се образуваат?
– Запишани се 646 ученици. Тоа е повеќе од минатите години, бидејќи родителите го забележаа квалитетот, па деца за ООУ “Кочо Рацин”, се запишуваат овде. За одржување на наставниот процес се грижат 56 вработени, од кои 48 се настаници. Подмладен е наставничкиот кадар, но имаме и поискусни, кои се темел на кој се врши надградба со нови идеи и проекти на помладите вработени. Располагаме со 18 училници и комплетно опремени кабинети по хемија, физика, музичко воспитување германски, историја и техничко образование. Кабинетот по германски јазик го опреми Гете институтот, а за останатите помогна советот на родители и од сопствените средства.
Какви се спецификите на ООУ “Рампо Левката”, во споредба со другите училишта?
– Достигнато е високо ниво на единство на колегиумот. Учениците се најдисциплинирани. Доказ е екстремно малата штета на инвентарот, која обично е ненамерна. За тоа даде придонес кодексот за однесување, како и одличниот пристап на наставниците и стручната служба.
Со кои невладини организации соработувате и какви се придонесите на советот на родители?
– Соработуваме со трите невладини организации, Центар за граѓанска иницијатива, Коалиција на младински организации СЕГА и со Детската амбасада за сите деца од Прилеп. За поттик на соживотот и толеранцијата и кај младите, со ЦГИ го реализираме проектот “Запознај го соседот”. Добивме 20 000 денари за ТВ, што добро дојде за кабинетската настава по јазиците. НВО СЕГА помогна да станеме прво училиште со дете правобранител, кое ќе служи како алка за подобро разбирање меѓу учениците и стручните служби. Со Детската амбасада, на 31 октомври, 20 ученици ќе ги разгледаат знаменитостите на главниот град. Соработката со советот на родители е на одлично ниво и ги прифаќаме и реализираме заеднички конструктивните сугестии и предлози. Дел од исполнетите предлози на советот се разгласот, збогатениот библиотечен фонд и новите пердиња. Собравме и донации за црквата Свети Наум. “Делејќи” го патрониот празник со ООУ “Добре Јованоски”, негуваме одлична соработка, па може да се рече дека сме збратимени училишта. Не заостануваат добрите воспоставени релации со тенденција на збогатување и проширување и со другите основни и средни училишта.
Кои нови проекти се реализирани и поддржани во заедништво со локалната самоуправа?
– Изготвен е план за повеќенаменско игралиште, за кое е потребно асфалтирање и обележување. Потребно е континуирано да се дополнува библиотечниот фонд, а тоа важи и за надгледните средства кои мораат да бидат модерни затоа што наставата ја водиме интерактивно. Може да се рече дека недостигаат само финеси и не ми е жал што на состаноците со советникот за образование Марјан Матракоски нашето училиште е последно по листата на приоритети.