Фудбал: Надеж за кого се зборува – Марјан Радески
Тренира со Металург, дава голови за 11 Октомври
Средината на табелата за фудбалскиот второлигаш 11 Октомври претставува цел сезонава, а успех е што товарот паѓа на играчки кадар од 17 – 20 години. Последен блесок е на 17 годишниот Марјан Радески. Против Врапчиште, откако соиграчите промашуваа, тој со лоб ја затресе мрежата. Пет минути подоцна одзеде топка, претрча два – тројца, го легна голманот и спроведе во празниот гол за 2-0.
– Одличен фудбалер. Од осум – девет години го тренирав во мојата школа. Покажуваше дарба за голови. Еден е од предводниците на генерацијата – вели Тони Наумоски, тренерот.
Момчето е од Ропотово. Според непишано правило, големите фудбалери се раѓаат во мали места. Стасува секаде, за млада репрезентација до 19 години, за клупските обврски. Од понеделник до петок е во Скопје, тренира со професионалниот тим на Металург, а во недела игра за 11 Октомври. Стручњаците му предвидуваат долга и успешна кариера.
– Ако продолжи со макотрпна работа и дај боже да го послужи здравјето без повреди, ќе игра во странство. Времето работи за Радески – смета Наумоски.
Покрај Радески, придонесуваат Кебакоски, Д. Талески, С. Здравески, Колевски, Момироски, Шаркоски, Спиркоски, Л. Николоски, Г. Здравески, Ф. Николоски, Дунимаглоски, Наумчески, Ј. Наумоски, Ф. Мирчески, И. Мирчески и капитенот Кулески.
11 Октомври – Корзо
Два меча викендов на стадионот “Гоце Делчев” од 14 часот. В сабота Победа – Новаци. Победа со сензацијата на гости и победата 0-2 во Миравци, отвора пат кон Прва лига. Од второ место гледа кон врвот, каде Македонија Ѓ.П. има два бода повеќе. В недела е локалното дерби 11 Октомври – Корзо. Осмопласираниот 11 Октомври во налет по победата 2-0 над Врапчиште, а претпоследното Корзо не се дава лесно, засилено со битолскиот стопер Зоран Шалевски.
Г. Коњари – Борец
Интересни се пониските лиги. Во Третата Големо Коњари го пречекува лидерот, велешки Борец. Четвртиот со првиот, дерби за многу публика. Во А општинската, Пролетер го чека Динамо. Лани имаше прекин, сега сé е подготвено за чесна игра. Пролетерци не го даваат врвот.