Ракомет: Жито Прилеп преку Швеѓанките во 3. коло
Следен ривал е Иси Париз од Франција
Есенски подарок од Жито Прилеп. Женскиот ракометен клуб донесе радост, со двете победи (31-25 и 22-20) над шведскиот Лундагард. Колку да беа ослабени гостите, се прикажа најдобрата игра и се совлада противникот. Прилепчанките немале вакво издание со години.
– Најдобро откога сум тренер. Функциониравме одлично со менување на позициите. Атмосферата помогна. Надминавме солиден ривал. Како професионален погон, веќе се посветуваме на третото коло – рече Борче Марковски, тренер на Жито Прилеп.
Не е лесно да се издвојат најдобрите, кога сите што влегоа, максимум дадоа. Дури и Ангела Саздова, влезе на крај, доби топка, биеше и погоди да ја зголеми еуфоријата. И Софија Аџулеска можеби тешко забележлива, бидејќи не е прв голгетер, но многу вредна и секаде успева да стигне, од свој до гостински шестерец. Се истакнаа голманката Дијана Наумоска со серија зицер одбрани, бековите – стрелци Савица Мркиќ и особено Тања Шалевска за која гостинките признаа “нема начин да ја сопреме”.
– Тие фаворити на хартија, ние на терен. Феноменално одигравме. Се боревме за две победи – истакна капитенот Шалевска.
За Жито Прилеп нема одмор. Синоќа беше првенственото дерби дома со Вардар на Индира Кастратовиќ, а викендов е гостувањето кај Кичево.
Загубија од тапани
Швеѓанките тешко го примија поразот. Не веруваа дека ќе се сопнат. На веб сајтот пишуваат дека наишле на стрес во салата од навивање, инструменти. Од такт ги ваделе тапаните.
Сепак, по мечевите пријателска дружба, а клубовите разменија подароци.
Ривал од црнки
Иси Париз, следниот противник во КПК, на 10 ноември дома и недела подоцна на гости е петтопласиран во Франција. Има три победи две нерешени, без пораз. Претежно е составен од црномурести ракометарки. Има четири од странство, од Полска, Норвешка, Црна Гора и Бразил.
![]()

