Фудбал: Два меча без публика

Дебитантот во втората фудбалска лига, Корзо, в сабота (14 ч.) го пречекува скопски Еуромилк пред празни трибини. ФФМ го казни два натпревара без публика, плус 500 евра, поради инцидентот со Тиквеш (0-0) на 18 септември, кога имаше прекин од 20 минути, предизвикан од кавадаречката навивачка група “Лозари”. Беа оштетени столчиња на стадионот, а надвор страдаа автомобили и мотори. Во случајов еден крши, друг плаќа. Корзо е на тапет затоа што не го обезбедил мечот како домаќин и не спречил дивеење на тифозите. Од клубот се чудат. Револтирани се зошто никој не ги известил за доаѓањето на навивачите.
Тимот на 11 Октомври загуби 3-1 од Еуромилк. Не покажа амбиции за висок пласман. Цел есенва му е златната средина. За сигурност клучни се наредните два меча дома, со Врапчиште в недела (14 ч.), потоа со Корзо. Клубот може да се пофали со младинскиот репрезентативец до 19 години, Јорданчо Наумоски, кој придонесе за квалификацискиот триумф над Луксембург.
Највисокопласирана, петта, е Победа. Има шанси за пробив кон врвот, оти е само со два бода помалку од лидерот Миравци, кој е следен противник. Утре е вистински тест кај несудениот прволигаш. Миравци редовно земал бодови од Прилеп и редно е еднаш да биде совладан од Победа.
![]()

