СТОЛБ НА СЕМЕЈСТВОТО И ДВИГАТЕЛ НА ОПШТЕСТВОТО

Во пресрет на годишното собрание на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ и празникот 23 Октомври

Не се само декор жените во политиката

“Продолжување по патот кон напредокот со промовирање на македонската жена, која го живее модернизмот, како битен столб на семејството, општеството и државата, и понатаму ќе бидат целите на Унијата на жените на ВМРО – ДПМНЕ”.

Ова го нагласува претседателката на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, д-р Силвана Пашоска, во пресрет на вечерашното собрание и претстојниот празник 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. Таа е со високи оценки за ангажманот на своите сопартијки во изминатиот период.  И натамошните активности, планирани во програмата, се насочени на помош и поддршка на сите граѓани, како и поголема афирмација на жените. Покрај досегашните форми на дејствување, како организирање разни трибини и настани со едукативен и информативен карактер, хуманитарни акции, дружења, во наредниот период своето делување ќе го насочат низ нови, инвентивни содржини.

– На чело на Унијата на жените сум нецели два месеца. Непречено функционираме, успехот е заеднички со претходните претседателки, со поддршката на месните комитети и залагањето на сите активистки. Претходната претседателка, од оправдани причини ја напушти позицијата, и изборот беше да бидам наследник. Можам да ја водам унијата, познавам голем број од членките лично – вели д-р Пашоска.

ВМРО-ДПМНЕ, негувајќи ги демохристијанските вредности, се залага за социјална еднаквост, намалување на невработеноста што е еден од основните проблеми што ја мачат денешницата.

– Член сум од 2002-та. Мотивот за пристап кон оваа партија беше грижата за народот, проблемите, за кои имаше слух да ги реши. Таа ориентација продолжува понатаму. Целта е да помагаме на секој поединец. За граѓаните сум достапна 24 часа. Секогаш можат да ме најдат да им помогнам. Пружаме рака на секого, не само на членството – вели Пашоска.

Жените во политиката не се само декор, имаат вистинска моќ на одлучување во Владата, во парламентот, во партиските структури.

– Идеите на жените од месните комитети ги пренесуваме до локалната самоуправа. Се насочуваме кон секојдневни контакти со граѓаните и нивните маки. Учеството на жените во општинскиот комитет е сé поголемо, што не беше случај порано. Веќе сме рамо до рамо со припадниците на машкиот пол. Мотото е жената да биде рамноправно прифатена, и тоа го имаме постигнато – вели Пашоска.

Целта е жената да биде двигател на јавниот или приватниот сектор, успешни менаџери и претприемачи кои ги краси совесност, етичност, храброст и достоинство.

Младите се елан, а возрасните се темел

– ОК има над 3 000 членки, а над 800 се активни. Меѓу членството се многу дипломирани кадри од младата генерација, Апелирам до сите жени без разлика на годините да се зачленат, затоа што имаме одлични проекти и дејности. Тие кои претходно работеле, се основа. Со нив секогаш се консултираме при донесување на одлуки. Младите се еланот, двигателот и со тоа направивме одличен спој на искуство и младост за да функционира Унијата на жените – вели Пашоска.

Драстично намалена невработеноста

– Во Прилеп има 17 200 невработени. Најголем број се необразовани и нискоквалификувани. Раководител сум од 2007 г. на Центарот за вработување. Тогаш беа евидентирани 24800 невработени. Ја намалуваме невработеноста со реализацијата на оперативниот план на владата, со проектите за самовработувања, грантовите, субвенциите, дообуките и со јавните работи. Имаме договор со ИПА компонентата од ЕУ за обуки и  практикантство на лица до 27 години. Годинава обучивме 670 лица за јазици, компјутери… Се надеваме дека ќе ги продолжат овие бесплатни обуки – вели Пашоска. 

Loading