ПРЕМИЕРНО ШЕКСПИРОВАТА “МНОГУ ВРЕВА ЗА НИШТО”

В недела в театар

“Многу врева за ништо” (Од влакно, ортома) од Вилијам Шекспир, во режија на Ива Милошевиќ од Србија е претставата која театарот  премиерно ќе ја прикаже в недела од 20 часот.

Станува збор за современа претстава на шекспирова комедија за  времето во кое живееме, за борба за моќ и освојување на општествениот статус.

– Во таа игра, бракот и животниот сопатник се доживуваат како уште еден трофеј со кој се потврдува сопствената моќ. Ваквиот систем на вредности е виновникот за денешниот присутен циничен однос кон љубовта. За среќа, љубовта е жилава билка која никнува таму каде најмалку ја очекуваме – вели  Милошевиќ, која е потписник на бројни театарски претстави во Србија.

Милошевиќ првапат се среќава со македонски ансамбли и í е особено задоволство што го режира Шекспир.

– Ја ценам македонската школа за глума и традицијата што е многу слична со српската, но има разлики. Ми се допаѓа топлината на сцена и отсуството на манипулација со тоа. Кај српските актери тоа е некогаш проблем. Ми се допаѓа леснотијата, шармот и енергијата, но и свеста дека претставата е една целина и актерот не смее да излезе напред. Тоа е дополнително количество ангажман на сцена – објаснува Милошевиќ.

Актерот Александар Степанулески смета дека процесот на подготовка бил одлично скроен.

– Не ни се тресат нозете, кога го играме Шекспир, бидејќи сме професионалци. Ни лежи, повеќе, отколку да биде лабаво. Играм еден млад миленик на грофот, улога што ја сакав уште пред кастингот. Карактерот на ликот е тоа што не верува во љубовта но на крајот се заљубува – вели Степанулески.

На актерката Наташа Наумоска и се допаѓа што Шекспир е близок до публиката, а не тешко разбирлив.

Во останатите улоги играа: Даниела Иваноска, Зоран Иваноски, Димитар Ѓорѓиевски, Никола Настоски, Влатко Ѓорѓијоски, Марјан Чакмакоски и Андон Јованоски – Ашата.

Сценографијата е на Горчин Стојановиќ, а за костимите се погрижи Раде Василев. Изборот на музиката е на Милошевиќ.

Театарот по 50 години на сцена поставува текст од Шекспир. 

Loading