Боро Конески – Мигачот во десеттата деценија
Спокојство за долг живот
Влечкар, кондураџија, опинчар и фудбалер, Боро Конески викан Мигачот ја живее 96-тата година. Се сеќава и на најмалите ситници од долгиот живот. И тоа со точни имиња, прекари и датуми. Пензионер е од 1963 година, шетајќи низ чаршијата, евоцира спомени. Не боледува, слуша и сé разбира. Умот го крепи и не се жали на староста. Еликсирот за долг живот го нашол во раат живот, покрај бурните времиња во кои живеел.
– Завршив четврто одделение во кралската Југославија и станав калфа во дуќанот на брат ми Ничо. На 12 години учев да правам опинци од штавена кожа, чевли, високи кондури и да поправам секакви обувки. Баеги научив до 1937-ма. Убаво го теравме занаетот – кажува Конески, додавајќи дека чаршијата била градското срце што не престанува да чука.
Секој го познавал секого. Се знаеле табиетите, кој е саглам човек за друштво, а кој само користи од пријателствата. Чаршијата била само со занаетчиски дуќани, без модерни продавници и фаст – фуд ресторани како сега.
Апс за некодошење
Чаршиското спокојство завршило со повикот за служба во војска во 37-ма. Со вежби, маневри и стражарење исполнил три години воен рок. По априлскиот распад на Југославија во 1941, преминал кај партизаните, првин како симпатизер, а после и со пушка в рака.
– Градот беше полн со кодоши. Печалеа, предавајќи кого ќе стигнат кај бугарската полиција. Ме накодошија како комунист и десет пеколни дена минав во занданата. Началникот ме праша каде е Цане Дулешо. Му реков дека не знам, а тој ми врза шлаканица и низ пцуење ми рече – “Ште го изблуеш мајчиното млеко, а не само името”. Бугарите беа најлоша власт, бетар од Германците. Србите си тераа без малтретирање. Двете германски чети во градов се чудеа на злосторствата, поганштината и тортурите на Бугарите – раскажува Конески, како вчера, сеуште одѕвонувајќи му во ушите шлаканицата од бугарскиот началник.
Германци низ нишан
Вели дека Германците биле чесни. Не му сметале на населението во секојдневието.
– За време на окупацијата, германски војник побара влечки во дуќанот. На германски му кажав да дојде во пет саатот. Дојде уште еден по влечки. И нему му реков дека ќе бидат готови во пет часот. Надвор седеше некој Германец, кој ми рече: “едни влечки во пет, две влечки во пет, лажеш!”. Го отворив дуќанот со тројца влечкари и се извини. Во пет, војниците платија по пет рајхсмарки од чифт и ги зедоа влечките. Тие пари не беа за потценување. По некоја година, ги гледав Германците преку нишан, како партизан во охридско – објаснува стариот кондураџија.
Со слободата продолжил по старо. Парите создале забуна – дали да бидат левови или нови југословенски динари. Динарот бил десетпати појак од левот. За кусо левовите ги снемало, а со тоа и валутната забуна.
– Се отвори “БАТА” – продавница за гумени опинци и чевли по ниски цени. Тоа ги “ничкоса” опинчарите. Се урнаа цените на еснафот. “БАТА” немаше модерни чевли, зимски кондури и не поправаше – вели Конески, кој со задомаќинувањето и децата го оставил фудбалот и одел на натпревари како гледач.
Според него, спокојството е најбитно за долг живот. Затоа му посакуваме да нé покани на 100-от роденден.
Ченто претседател на Хајдук
Мигачот вадел пари од дуќан и за животната страст – фудбалот. Клубот Хајдук, во кој играл како центар-халф бил само еден од повеќето прилепски клубови.
– Најсилен клуб од 1932 до 1937-ма, беше “Југославија”. Постоеше и “Железничар”. Нашиот тим, Хајдук беше составен само од кондураџии. Имавме предност, оти знаевме да правиме примитивни копачки. На ѓон од стари војнички чизми стававме полесен материјал, па ногата убаво “лежеше” на теренот, викан турски гробишта, оти имаше гробишта каде што е сега болницата. Предност беше што претседател беше Методија Андонов – Ченто. Патувавме низ цела Југославија. Бевме и во Лерин, Грција. Ченто беше запален по фудбалот. Го оставаше дуќанот да гледа тренинзи и натпревари – се сеќава Мигачот.