НА ГЕРМАНЧЕ, ПОМИЛА МУ Е МАКЕДОНИЈА

Никола Димоски е роден во Бот Хелсинген, Германија. Таму живеел и учел основно училиште до 2010 година. Знаел само некој збор на македонски, што го научил татко му. Кога семејството се преселило во Македонија, на Никола на почетокот му било тешко да се снајде во новата околина. Ама тој период кратко траел. Веднаш стекнал другарчиња за кои вели дека се многу подружељубиви од “ладните” Германци. Сепак, уште одржува контакт со германските пријатели преку фејсбук.

Одлично бил прифатен од учениците и од наставниците во ОУ “Климент Охридски”. За учење на македонскиот најмногу му помогнала баба му, а за подобро вклопување во наставата, класната професорка, Соња Петреска.

– Во Германија е многу потешко. Сé оди по распоред, што е многу стресно. Се бара многу учење, посебно по математика и физичко воспитување. Таму играв кошарка и фудбал, а имаше и базен и тениско игралиште. Германците многу го сакаат спортот. Затоа многу вложуваат во физичкото образование. Градот не беше поголем од Прилеп, па слободното време го минувавме во шеткање со другарите. Ама, до осум часот мора да си прибран дома. Овде ми е поубаво и полесно, оти не сум  оптоварен како во Германија – кажува Никола, кому по навика му се испушта и по некој германски збор, во добро научениот македонски јазик.

Во Германија ги посетил скоро сите поголеми градови – Минхен, Хамбург, Кобленц и главниот град Берлин. Се воодушевувал на  спомениците од времето на Пруската империја. Често гледал фудбал од Бундес лигата. Негува голем интерес за колите, оти живеел во родното место на автомобилот. Сега имаат Тојота, но го убедува татко му да земат Мерцедес, каков што гледал на некој од многуте посетени авто митинзи.

Во Скопје му оставил силен впечаток споменикот на Александар Македонски со фалангата, па не е чудо што историјата му е омилен предмет.

Краен професионален сон му е да биде адвокат, па за средно сака да продолжи во гимназијата, па правен факултет.

Loading