МОЛИВ – ОЛОВКА – ПЛАЈВАЗ

Во лето, кога е жега, има многу пожари во државава. Некои се гаснат, нови се појавуваат. Се добиваа информации, а некои од тие се дури и бесмислени. Ако има пожар и ако биде угаснат, тој може повторно да се појави. Ако бил активен па угаснал, може да се реактивира. На Македонското радио, спикерката објаснуваше за некој пожар кој бил угаснат, но, ете сега ПОВТОРНО се РЕАКТИВИРАЛ. А како може така? Ако бил угаснат, пожарот можел или повторно да се појави или повторно да се АКТИВИРА, или едноставно, да се РЕАКТИВИРА. Не може ПОВТОРНО да се РЕАКТИВИРА. Исто како, да се рече дека пожарот ПОВТОРНО се ПОВТОРИЛ. Текстовите што ги читаат спикерите би требало да се лекторирани. Веруваме дека е таков и конкретниов случај. Чија е грешката?

ВЛЕЧКИ, ПАПУЧИ, ИМЕНИИ. Да почнеме прво со ИМЕНИИТЕ. Од триве набележани, тие се употребуваат најмалку, но се среќаваат во некои наши говори, со акцент на последниот слог, па дури и со значење на чевли. Тој збор гласи ЕМЕНИИ (српски ЈЕМЕНИИ). Од постарите, во поодамнешно време го слушавме и во Прилеп како ЈЕМЕНИИ. ЕМЕНИИТЕ се всушност влечки или поточно еден вид влечки, шарени. Името го добиле според земјата Јемен. А во нашиот јазик тој збор дошол преку турскиот. Ете, во некои места, при некои други околности и по некои други патишта се зацврстил со значење на чевли. Како и да е зборот ЕМЕНИИ нема место во литературниот јазик ни со вакво ни со такво значење. Тој си останува како дијалектизам.

Зборот ПАПУЧИ е доста застапен во некои наши говори. Особено во скопскиот говор. Употребата на тој збор е засилена под влијание на српскиот јазик. Зборот има турско потекло. Во Речникот на македонскиот јазик е одбележан но со упатување на зборот ВЛЕЧКИ. Во некои наши краишта, пак под влијание на српскиот јазик, се користи зборот ПАПУЧАР или ПОТПАПУЧАР. Во оваа ситуација, кога се вели ПАПУЧАР, не се мисли на човек кој произведува папучи, туку на нешто друго. Се употребува во потсмешливо значење, како карактеристика за некој маж кој е под силно влијание на жената. Маж кој е командуван од жената. За него ќе речат деак е ПАПУЧАР.

Во нашиот јазик, не се развил збор со такво значење. Преведувачите имаат проблем кога ќе се сретнат со овој израз. Честопати и во најголем број случаи преведувачите го оставаат српскиот израз ПАПУЧАР. Или немаме таков, најсоодветен збор, или не можеме да го пронајдеме. Како и да е, погрешна е употребата на ПАПУЧАР (ПОТПАПУЧАР), а преводот не мора да биде буквален. Може да се преведе описно или со некој друг збор со слично значење.

Е, сега, дојдовме до ВЛЕЧКИТЕ. Тоа е нашиот вистински збор. Зборот е добиен од глаголот ВЛЕЧЕ со наставката – КА, ВЛЕЧ-КА. Тој е најсоодветниот за литературниот јазик. Како таков е одбележан во Речникот. Едноставно, тој е наш, македонски збор.

Одамна не сме го чуле зборот ПЛАЈВАЗ. Пред некое време го слушнавме од еден доста возрасен човек.  Тој збор, некогаш, многу одамна, беше во честа употреба. Дури и ПАЈВАЗ се викаше од понекои луѓе. Еден стар професор, постојано држеше во рацете едно мало моливче (пајвавче). Ако беше немирен некој ученик, професорот велеше: “Ако ти дојдам со ова ПАЈВАЗОВ”.

Се заинтересиравме чиј е тој збор и зошто сега воопшто не се користи. За среќа најдовме податок. Зборот ПЛАЈВАЗ влегол во српскиот јазик од германскиот. А преку српскиот се “населил” и кај нас. Сега го нема ни во српскиот ни во македонскиот. Кај Србите сега е зацврстена употребата на именката ОЛОВКА, а во македонскиот – МОЛИВ. Потеклото им е грчко, а значењето исто. Прочитавме дека тие биле изградени од старогрчкиот збор МОЛИВОС, што значи олово. Србите го калкирале, направиле буквален превод и од МОЛИВОС (олово) добиле именка ОЛОВКА и сега тој збор наполно го има истиснато ПЛАЈВАЗОТ.

Во македонскиот јазик ситуацијата е иста или речиси иста. Именката МОЛИВОС наместо да се преведува (оловка) се позајмила таква каква што е – МОЛИВ. Сега именката МОЛИВ е во широка употреба и цврсто го има зафатено своето место.

Само накратко. И зборот ТЕТРАТКА има грчко потекло. Многу, многу одамна со определена адаптација влегол во нашиот јазик, исто така, во бугарскиот и во рускиот.

Благоја Ивчески

Loading