КОРПИ НА КАЛДРМА

Малкумина ги користат корпите и зумбулите за пазарење. Ги заменија со кесите и торбите. Не ретко, наместо в раце, пазареното зајре во среда и сабота се носи со колички дома. Корпи од еластични врбени прачки и гранчиња и од трска, такаречи, не се најдуваат да се купат за одржување на традицијата. Тие се попрактични во споредба со кесите, оти не постои опасност да се скинат и зеленчукот и овошјето да се истркалаат по улиците. А корпите некогаш се нуделе на секој агол во чаршијата. Дури и на калдрмата по сокаците. По маалата, мајсторите на занаетот шетале “накитени” со корпи по рацете со различни димензии, за различни намени и пригоди, зашто биле функционални и носење на предмети довде-онде.

Пролетно време се најдува по некоја корпа од ретките мајстори, умешни да плетат врбови ластари. Покрај кошевите за тутун, ѕиркаат корпи за зајре. Ги има, колку да не се заборави еден предмет за носење дома пазарена стока.

Корпите се повеќе стануваат сувенири, ако се во помали димензии. Ги има и во други форми за декорирање на домови. Здравите и неискршени украсуваат и припитомуваат сувопарно дизјанирани домови и канцеларии. По дуќаните за кинеска стока се нудат за украсување. Оние кои ги немаат или не ги сочувале во визбите и пајажините старите корпи, а се мераклии на битови елементи во домовите, ги имаат на располагање инвентивните Кинези. “Косооките”, покрај компјутерите, чиповите, и којзнае уште што не, се вешти и за производство на корпи во различни форми, дури и од неприродни материјали.

Loading