Ракомет: Жито Прилеп – Лундагард (сабота/недела, 18 ч.)
Шанса е трпелив напад – смета бекот Тања Шалевска
Викенд за ракометните гурмани. В сабота и в недела во салата “Сонце”, двапати во 18 часот, се мечевите од 2. коло на европскиот КПК, помеѓу нашиот Жито Прилеп и шведскиот Лундагард. Домашниот тим есенва остана должник на навивачите, а шанса да се извади е успех над Швеѓанките. Силите се чуваа за најважните дуели сезонава.
– Според снимките, претендираат на агресивна одбрана и брза транзиција во полуконтра и контра. Како и сите скандинавци, многу трчаат. Забележавме и слабости. Нашата шанса е побавна игра, да не се наттрчуваме. Полека – полека да го градиме резултатот – вели Борче Марковски, тренер на Жито Прилеп.
Шведската екипа е умерен фаворит. Жито Прилеп, поддржан од 2. 000 гледачи и максимална заложба, може да се спротивстави. Желбата е силна за пласман во 3. коло, каде чека францускиот Иси Париз. Сите 15 првотимки се на располагање, почнувајќи од голманката Наумоска.
– Анализирав и знам како шутираат. Подготвена сум да ставам “ѕид” пред голот. Мотивирани сме и одиме на победа со осмиот играч, публиката – порачува Дијана Наумоска.
Дел треба да одработи нападот. Моделот е отприлика од летото, од пријателските во Србија. Ништо ново за девојките во црвено – жолто. Се покажа дека можат, засилени со најискусната Шалевска.
– Главен фактор е гранитната одбрана. Шанса е трпелив напад. Организирам и погодувам, но најдобро сите да даваме голови – смета Тања Шалевска.
Судии се Коуз и Жоба од Украина, а делегат Попадиќ од Србија.
Жито Прилеп: Наумоска, Дурланова, Мурговска, Бошковска, Стојановиќ, Мркиќ, Нацева, Крстевска, Серафимовска, Аџулеска, Шалевска, Саздова, Цаневска, Петлеска, Здравевска.
Лундагард: Теленмарк, Андреиќ, Јоргенсен, Вал, Коне, Б. Свенсон, Кронквист, Берндсон, Нилсон, Поповиќ, Сунесон, И. Свенсон, Ел. Енгдал, Еб. Енгдал, Хеденквист.