ЕМ ОПЕРСКИ ТЕНОР, ЕМ ТЕНИСКИ АС

Стефан Неданоски, четврти клас во Гимназијата “Мирче Ацев”, многумина го знаат по неговиот продорен глас, бидејќи често отвора некоја свеченост со интонација на химната или со дел од опера.

Ама, малку е познато дека, покрај љубовта кон класичната музика, Стефан “поигрува” и со тениското топче. На општинскиот натпревар без проблем ги совладал четворицата противници и го освоил првото место. Тоа му станало “виза” за државниот натпревар во Скопје.

На натпреварот учествувале 60-тина ученици од сите основни и средни училишта, поделени во категории по возраст и пол. Неданоски во групата играл со секого и не загубил ниту еден сет. Иако тренира само рекреактивно во ТК Прилеп, тениското резиме на Стефан е за пофалба. Две први места на регионални натпревари, второ место на државен натпревар, две четврт финалиња на европско првенство, полуфинале во двојки на европско првенство во Скопје, три втори места на отворени првенства во Охрид, Скопје и Битола. На настапите и четвртите места не им се знае бројот.

Покрај Стефан, од гимназијата учествувале и Орхидеа Деаноска од трета година и Михаела Кебакоска од втора година. Орхидеа го зела среброто, а Михаела бронзата. Двете се членови на ТК Винер Про од пред седум, односно, пет години. Зад Орхидеа се освоените второ и трето место на регионален натпервар, како и еден задграничен натпревар во Воден, Грција. Михаела, пак, досега има едно злато и едно сребро од регионалните натпревари. 

Loading