ВИДЕЛО БЕЗ “ПЕРДЕ” ЗА 2750 ДЕНАРИ

Во Болницата за еден ден

Со новата техника и специјалистот Дејан Ристески, Болницата во Прилеп, ќе се отстранува перде на очите, катаракта, за 24 часа само за партиципација на лекарската услуга од десет отсто или 2750 денари. Тоа го овозможува новата ласерска техника, вредна околу 200 илјади евра од набавката на новата опрема за очните одделенија. Модерната и современа опрема на пациентите ќе им го врати видот наеднаш.

Специфично е што вакви операции досега се правеа само во јавното здравство, во Клиничкиот центар и во Воената болница во Скопје. Директорот на Болницата Илија Богатиноски информира дека веќе десет пациенти биле оперирани успешно со новата фако метода и техника.

– Голема гордост за нас е што операциите се вршат  со наш кадар,  вработен во болницата, без едукатори, без помош од лекари од надвор, од јавното здравство. Мислам дека сме на прво место во земјава во решавањето на вакви проблеми – објаснува Богатиноски.

Специјалистот Дејан Ристески ги пренесува предностите на новиот начин  на оперирање со ласер во споредба со традиционалниот.

– Новата метода го намалува времето што пациентите го минуваат во болницата. Се скусува постоперативниот период од досегашните 3-4 дена со традиционална метода, на еднодневна хирургија без лежење во болница – вели Ристески.

Лекарот, обучуван со државна и лична поддршка надвор од земјава, и кој наскоро ќе има свој колега на помош, ќе може да оперира околу 400 пациенти годишно, не само од Прилеп, туку и од Битола, Кавадарци, Охрид и други градови.

Ристески вели дека најголем број на пациенти ќе се третираат со новата метода, а само мал дел кај кои е нужно, ќе се оперираат традиционално.

– Специфично е тоа што катарактата, пердето, ќе може да се оперира и во раната фаза, а не како досега додека не созрее – вели офталмологот Ристески.

Катарактата е најчесто заболување во светот и кај нас со која времено се губи видот, а со операција повторно се враќа. Се намалува возрасната границата на болните. Новата метода, кога ќе стане рутинска, ќе го зголеми бројот на пациенти. Тоа зависи и од средствата  определени од Фондот, затоа што операцијата бара многу потрошни средства и материјали кои ја креваат цената и се оптоварува буџетот. Инаку, својствено за очното одделение е што вршат операции на затнати солзни канали.  

Апарати има – нема доктори

Богатиноски рече дека околу 90 отсто од носечките дијагностички апарати се набавени од набавките за зајакнување на техничките капацитети на болниците што ги изврши министерството за здравство.

– Некои додатоци ќе набавиме со сопствени средства да можеме цел циклус да го правиме овде и да ја доискористиме опремата што ја имаме. Ќе набавиме монитори, ЕКГ и нешто слично. Опремата во овој момент е задоволителна – вели Богатиноски. 

Тој жали што има дефицит од кадар.

– Недостасуваат 15 специјалисти лекари. Дефицитот го решаваме од соседна Битола да осигуруваме 24 часовна здравствена заштита за граѓаните. Најмногу “фалат” во гинекологија. Затоа доаѓаат гинеколози од Битола. Имаме 12 лекари на специјализација, кои ќе ги ублажат тешкотиите. Проблемот останува, бидејќи, како што доаѓаат лекари од специјализација, така заминуваат во пензија, така што нема да биде решен проблемот целосно. Инаку, болницата работи со 90 волонтери за кои засега нема позитивен одговор од министерството за трајно вработување – изјави Богатиноски.

Loading