ВЕТУВАЧКИ ПОЧЕТОК

Ракомет: Прв машки дуел по две години

Пред полна трибина РК Прилеп – Младост 31-25

Убаво враќање на машкиот ракомет. Во неделата навечер средба од 3. коло на Првата лига, помеѓу старите познаници, РК Прилеп и Младост од Богданци. Ваков натпревар од машкиот ракомет скоро две години не беше одигран во градов. Пред исполнетата трибина во салата “Сонце”, домашниот возобновен тим предводен од тренерот Орде Илиески победи со 31-25 (16-13).

– Бодовите ги освоивме, но најбитното е враќањето на сцена на машкиот ракомет – задоволен е клупскиот претседател Александар Мариновски.

На трибина беше градоначалникот Марјан Ристески. Поддршка и мотивација е самото негово присуство. Клубот е дело и на Локалната. Ракометарите возвратија со добра, борбена игра. Домашните беа постојано во водство и немаше ниту еднаш изедначен резултат. Најефикасен и незадржлив, речиси без промашување, бекот Бозароски со 12 гола, а Ј. Локвенец даде седум, за втор триумф. Гледачите уживаа.

– Играме за нив. Дојдоа во голем број, а натаму сигурно дека ќе ги има уште повеќе. Отсега ги покануваме за наредното дерби напладне на 21 октомври, со Охрид – истакнува Рубин Седлоски, секретарот.

За РК Прилеп настапија: Митрески, М. Трајкоски, Чолаков 3, Џ. Тодороски 1, Ј. Локвенец 7, М. Локвенец, М. Трајковски, Х. Тодороски, Когој 3, Чадамоски 2, Бозароски 12, Шокоски, Јанески 1, Василески, Орданоски, Петрески 2. Следното коло е гостувањето кај лидерот на табелата, Струга.

Прва радост

Победа забележа и женскиот прволигаш ЖРК Филип 107. На дебито дома со 27-23 (10-10) го победи скопско Ѓорче. Тренерскиот тандем Петар Кузманоски – Елизабета Филипоска го надмудри Владимир Радиќ. За РК Филип настапија: Ангелеска, Кукоска, Стојанова, Богеска, Чапрагоска, Маркоска, Милошеска, Конеска 3, С. Филипоска 1, Арсоска 1, Самарџиоска 5, М. Филипоска, Николоска 10, Чавкароска, Туцо 4, Когој 3. Викендов е гостувањето во Виница.

Loading