ПРИМЕР ЗА ПРИМЕРЕН УЧЕНИК

Седмоодделенката Тијана Манџукоска од ОУ “Гоце Делчев” е енциклопедиски пример за примерен ученик. Сакана од соучениците и почитувана од наставниците, а таа возвраќа со уште поголема хуманост.  Негува љубов кон спортот – поточно одбојката. Со напорни тренинзи во училишната сала и со заедничка симбиоза со соиграчките го освоиле третото место на општинскиот натпревар.

Кога не вежба одбојка, чита книги и се дружи со другарчињата. Од предметите најмногу ги сака историјата и информатиката. Ја привлекува историјата затоа што сака да научи за начинот на живот на луѓето порано, а и да се стекне со знаење за општествените услови во минатото.

За информатика е “тата – мата”. Од пет години се нафрлила на проучување на тајните и можностите на компјутерот. Наместо да “бдее” на фејсбук или да го користи како играчка, Тијана од најмали нозе сватила дека компјутерот е машина за учење со скоро неисцрпни можности. Нејзино “чедо” е комјутерската програма наречена Гирл (девојче), преку која може да се напише песна и да се одреди која музика е соодветна за песната, а после песната да се сними на ДВД.

Ниту јазиците не í се проблем. Одлично ги познава Англискиот и Германскиот кои ги учи на училиште. Во потрага по повеќе јазици ги нашла братучедите да ја научат финта-две за Францускиот. Да се знаат три светски јазици на 12-ет годишна возраст не е мала работа.

Стокмен í е планот за понатамошно образование. Одбрала да продолжи во средното медицинско училиште, па на медицинскиот факултет, за на крај да биде хирург. За разлика од врсниците, не се гнаси и не се плаши од ТВ емисиите со операции. Напротив, ужива да ги гледа со интерес, небаре веќе утре ќе полага испит на факултет. Како и тргнало со јазиците, латинскиот за медицина, веднаш ќе го совлада, а исто и биологијата и анатомијата.

Свесна е што ја очекува во иднина и како иден хирург, сака да помага во животите на луѓето. 

Loading