Да не се заборават овие светли датуми од македонската историја за триумфот на слободата и да се пренесуваат, негуваат од колено на колено, зашто илјадници млади борци ја натопија со крв татковинската почва и зацрнија мајки и татковци, сестри и браќа за Македонија. Ова го изјави градоначалникот Марјан Ристески на одбележувањето на националниот празник на востанието – 11 Октомври. Празничната атмосфера во градот на простумот и првата пушка ја збогати полчасовниот импресивен огномет и традиционалниот импровизиран напад. Непокорот гори и во годината кога се навршуваат 71 година од вооружениот бунт на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор.
Со десетици букети цвеќиња делегации од локалната самоуправа, боречката организација, политичките партии и граѓани ги закитија бистите во Алејата на народните херои, Могилата на непобедените, спомениците на Методија Андонов – Ченто и Кузман Јосифоски – Питу, Ѓорче Петров и Пере Тошев.
{vsig}PRAZNIK/226/11okt{/vsig}
– Антифашистичката борба на македонскиот народ со 25 илјади жртви го даде придонесот за слободата со околу осум илјади прилепчани не само за својата земја, туку и против фашистичката наезда. Нужно е да се почитуваат дадените животи за независна и демократска држава – изјави Круме Соколоски, потпретседател на прилепската боречка организација.
Боречката делегација беше на прием кај градоначалникот, а учениците облечени во црвени и жолти маички и со капчиња изведоа перформанс, претставувајќи го македонското знаме.
Свечено беше означено реновирањето на плоштадот Методија Андонов Ченто и започнувањето на реконструкцијата на Саатот. Се пушти пат во Радобил, и неколку асфалтирани улици во градов. Празнувањето се круниса со богата културно забавна програма.