ПОБЕДА ГОРЕ СО МЕГЛЕНСКИ

Фудбал

Поранешниот репрезентативец Тони Мегленски ја држи Победа во горниот дел од второлигашката табела. Пак одигра мајсторски и нема сомнение дека во овој ранг му нема рамен. Издржува без грешка цел меч. Против штипски Баби е најзаслужен за триумфот од 2-1. Првиот гол му го сервира на Чешелкоски, вториот го даде во 95. минута. Победа е петта со два бода зад Миравци. Викендов е пауза, можна е пријателска со Корзо, а следната сабота е гостувањето токму во Миравци.

Тимот на 11 Октомври загуби 3-1 од Еуромилк и не покажува амбиции за висок пласман. Есенва целта е златната средина. За поголема сигурност клучни се наредните две средби дома, со Врапчиште и Корзо. Ако ги добие се приближува до водечката четворка. Со тој план сигурно не се согласуваат во Корзо, По поразот со пенал во Охрид следна пречка е Еуромилк, па 11 Октомври.

Интересни се и пониските лиги. Во третата Г. Коњари во Кривогаштани го изненади Младост, а во женската Победа со 2-1 го совлада скопско Единство.

Loading