ОРУЖЈЕ ПРОТИВ ГРИПОТ Е ВАКЦИНАТА

Гоце Ингилизов – директор на ЈЗУ Центар за јавно здравје

Лекарот Гоце Ингилизов, кој е директор на ЈЗУ Центар за јавно здравје, апелира на пожелност на постарите лица да се вакцинираат од грип есенско време, пред сезоната на грипот, за да спречат компликации што може да ги предизвика вирусот кај граѓаните на возраст од над 65 години и хроничните болни.

Според него, најдобра заштита од грипот, покрај секојдневната грижа за општата здравствена состојба и добар имун систем, пружа вакцината против вирусот на грип.

– Како и секоја година, така и оваа, вакцинацијата ќе ја спроведе Центарот за јавно здравје. Располагаме со 1800 дози вакцина од производителот Глаксо-Смит Клајн. При вакцинацијата, имуниот систем создава антитела во рок од 2-3 недели, кои штитат од инфекција предизвикана од актуелните соеви на вирусите од типовите А и Б. Секоја година Светската здравствена организација, врз база на истражувањата за циркулација на одредени соеви грип во претходните години, одредува кои соеви да ги содржи вакцината за тековната година. За овогодинешната, вакцината заштитува од типовите А(Х1Н1),А(Х3Н2) и тип Б – вели Ингилизов.

Вакцинацијата треба да се врши пред сезоната на грипот (октомври, ноември).

– Се препорачува кај лица постари од 65 години, лица со хронични заболувања на срцето и крвните садови, лица со белодробни заболувања, пред сé, астма, лица со метаболни нарушувања (шеќерна болест), бубрежно болни, болни после трансплантација на органи и лица со ослабен имунитет. Вакцинацијата  особено се нагласува кај деца постари од 6 месеци и адолесценти до 18 години, кои имаат некое хронично заболување или нарушување, како и кај здравствени работници и останати јавни работници кои доаѓаат во контакт со лица со зголемен ризик од грип. Вакцината се препорачува и како превентивна мерка. Несакани реакции ретко се јавуваат и обично се лесни – објаснува Ингилизов.   

Според лекарот, вакцината не смеат да ја примаат лица кои имале алергиска реакција при претходно примање на вакцината, а треба да се одложи и кај лица со акутно, тешко заболување со покачена температура.

Инаку, грипот е заболување на горните и долни дишни патишта предизвикано од вирусот на грип. Најчести симптоми се покачена температура, надразнето грло, кашлица, генерализирани болки во мускулите и зглобовите, главоболка, слабост, замор. Компликации можат да се јават кај постари лица, мали деца и лица со ослабен имунитет.

Loading