ОГРОМЕН ИНТЕРЕС ЗА ПРОФИЛОТ СПОРТСКА ГИМНАЗИЈА

Во ЕМУЦ “Ристе Ристески – Ричко”

Мартина Јездиќ – гимнастичарка од ГК Партизан, Давор Дамески – фудбалер во ФК 11 Октомври и Илија Димоски – одбојкар во крушевски Синалко. Тие се дел од паралелката на профилот – спортска гимназија при ЕМУЦ “Ристе Ристески – Ричко”.

Не им било тешко да се одлучат за оваа насока. По завршувањето на основното образование сите сакале да одат во Скопје на тамошната гимназија. Откако виделе дека во Прилеп има квалитетна образовна институција, се запишале овде, да не се изложуваат на патни и други трошоци.

На сите крајна дестинација им е Факултетот за физичка култура. Тројцата се репрезентативци на Македонија во “нивните” спортови.

Кажуваат дека спортската гимназија не се разликува многу од класичната, но има теоретски и практични предмети кои ја прават насоката поинаква.

– Образовните програми се како во другите средни училишта со додаток на стручни предмети како кинезиологија, психомоторика, теорија и методика на спортски тренинг и практичните предмети атлетика, гимнастика и боречки вештини – објаснува професорот Жане Дисоска, која заедно со професорот Илија Ангелески се грижат да ги опфатат сите спортови во наставниот процес.

Тројката репрезентативци кажува дека со дипломата од спортската гимназија, вратите на сите факултети ќе им бидат отворени, но тие се цврсто решени да станат спортски тренери или професори по физичка култура.

Кажуваат дека при запишувањето за секое место претендирале по двајца кандидати, па морале да бидат “потковани” да се запишат во единствената гимназија од овој тип надвор од Скопје.  

Loading