ОД ШЕГА СЕ СТОРИЛ МАЈСТОР ДУРИ И ЗА ПАСТРМАЈЛИЈА

Две децениски нагорен тренд на Скај Видра

Да се биде пекар, мајстор за лепчиња, за пица, па дури и за штипскиот специјалитет, пастрмајлија, а да не потекнуваш од фурнаџиска фамилија, и да немаш занает, единствено е можно со џиновска упорност, неизмерна храброст и решителност. Токму сето ова го поседува Методија Василески, кој страста кон освојувањето на небесното пространство ја споил со предизвикот да се совлада и пекарството. Фирмата ја нарекол Скај Видра, по најелитната падобранска единица од Ниш, поранешна Југославија. Почнал смело, најнапред разнесувајќи лепчиња со велосипед, за по дваесет годишен нагорен ôд, да ја прошири фирмата со отворање на млечен ресторан.

Искуството кое го стекнал во Баунти маркетите, му помогнало од трговија, да се зафати и со пекарскиот занает. Пресудно било запливувањето во брачните воид за потоа заедно со сопругата Нела да станат носители на дејноста.

– Почнавме како на шега со пекарството, да видам како ќе оди, па еве и се прошируваме. Сопругата е прва смена, а јас потоа продолжувам. Државата се чува не само со оружје, туку и со бизнис и плаќање даноци и раѓање деца. Не го знаев занаетот, но маката ме научи. По струка сум економист. Се оженив и го отворив мини – маркетот. Потоа почнавме со правење леб, буреци и бели печива. Ги разнесував со велосипед, оти немав автомобил. Се одделив од татко ми целосно да бидам “мажиште”.  Растен сум во патријархална фамилија – се сеќава на почетоците сопственикот Методија Василески.

Искрено признава дека за приватниот бизнис е потребна деноноќна посветеност.

– Бизнисот е мачен. Од првиот ден се бориш, не можеш да речеш не. И треба да се определиш дека со малку треба да бидеш среќен, а не како по холивудските филмови кои ги гледав со иронија. Тераме. Работев една година кај Стив во сендвичарата. Ми текна дека после белите печива, можам да ги правам и лепчињата за сендвичи, за на гробишта и слично. Луѓето купуваа со различни форми. Кај новото индустриско во камп приколка отворија киоск за брза храна некои младинци. Како на шега ми рекоа да им носам лепчиња. Почнав да носам по порачка првин кај нив, па кај друга, трета сендвичара – објаснува Василески.

Денес нудат цела палета лиснати производи. Во млечниот ресторан Перформанс, отворен пред девет месеци во центарот на градот, покрај пиците и останатите печива, прават и пастрмајлии.

– Тие се ударни. Многу ги бендисуваат. Со параглајдерството стекнав пријател од Штип кој ме научи да правам пастрмајлии. Ми објасни како се прават и од прво успеа. Малку ја приспособив пастрмајлијата кон пребирливоста на прилепчани, кои за малку пари, сакаат да добијат многу храна. Таа логика, кој не ја сватил, нема да опстане во бизнисов – вели Василески.

Не губи надеж. Иднината ја гледа во вклучувањето на трите деца во семејниот бизнис.

– Или прифати го предизвикот или цел живот ќе бидеш зајак. Перспектива мора да имаа да им дадеме иднина на децата. Малиот син со 13 години помага, а девојчињата се студенти – вели Василески.  

Иако условите за бизнис се тешки, планира во рамките на објектот од ресторанот, да ја префрли и фурната.

Loading