НЕМА СМИСЛА ДА БИДЕ СМИСОЛ

Расправаше еден пријател дека многу жали што не се запишал на Ликовната академија. Велеше дека имал СМИСОЛ за цртање, но ете, од ред причини не се запишал таму каде што сакал.

Скоро гледавме седница на Парламентот. Еден пратеник му вели на својот колега дека тоа што го зборува нема никаков СМИСОЛ.

Грешката ја слушаме често. Можеби повеќе од интелектуалци, од школувани луѓе.

А зошто се прави оваа грешка? Со малку подлабока МИСЛА ќе ни текне дека не е СМИСОЛ, туку е СМИСЛА. Нашата, македонската именка е МИСЛА. Именката е од женски род. Со разни префиксирања се добиваат именки со поинакво значење, за поинакви поими но основата секогаш е МИСЛА. Имаме УМИСЛА (убиство со умисла), имаме ПОМИСЛА и така натаму. Нови именки но основата иста – МИСЛА. Именка од женски род. Нема никаква СМИСЛА да се прави ваква грешка. Тоа е толку едноставно. А како што рековме, ја слушаме од интелектуалци. Најверојатно, се повлекуваат по српскиот исказ. На пример, Србите велат “У том СМИСЛУ” и нашиве луѓе, без да подразмислат употребуваат “Во тој СМИСОЛ”. Невнимание!

Имаме придавка РАМЕН (рамна, рамно, рамни). Употребувана е многу, значењето познато на сите – РАМНО поле, РАМНИ ливади, РАМЕН терен, РАМНА снага, РАМНА површина. Со калкирање од српскиот јазик (буквален превод), како да се има некаква тенденција на оваа придавка да и се даде и некое друго, поинакво значење. Србите би рекле – “Нико му није РАВАН”, а ние, буквален превод и “Никој не му е РАМЕН”.

Многу често слушаме дека никој не му е РАМЕН, дека некој со некого не може да се РАМНИ, дека резултатот е ИЗРАМНЕТ.

А мора ли да биде така? Мораме ли буквално да ги преведуваме српските изрази и да го менуваме значењето на придавката РАМЕН? Ние можеме да речеме дека некој е ЕДНАКОВ (не рамен) со некого. Можеме (и треба) да речеме дека резултатот е ИЗЕДНАЧЕН, а не ИЗРАМНЕТ. Ако е некој играч (да речеме во ракометот) исклучен, коментаторот вели дека силите на теренот во тој момент не биле ИЗРАМНЕТИ. А зошто не ИЗЕДНАЧЕНИ? Во многуте комбинации кога се употребува придавката РАМЕН, забораваме на еден наш збор, на еден наш израз. Ако сакаме да речеме дека некој не може да се РАМНИ со некого, зошто да не речеме дека некој не може да се ТОКМИ со некого? Наместо “На Роналдо никој не му е РАМЕН”, зошто да не биде “Со Роналдо никој не може да се ТОКМИ”. Вака мислата ќе биде наша, македонска, народска. Покојниот Благоја Корубин за ова укажуваше многу одамна. Кога го спомнавме Корубин да го кажеме и тоа дека тој, многу одамна, предлагаше наместо МЛАЗ, именката да гласи БЛИК. Таа би била изведена од глаголот БЛИКА. БЛИКА вода, БЛИКА крв. Ќе беше тоа убаво. Ќе добиевме именка според нашиот зборообразувачки систем: ТЕЧЕ – ТЕК, ВИКА – ВИК, БЛИКА – БЛИК. Ќе беше тоа само наша, македонска именка. Но ете, ја “купивме” именката МЛАЗ и веќе е затврдена нејзината употреба.

Има уште една именка која ја слушаме, а која нема, ама баш никакво значење во македонскиот јазик. Направен е сосема непотребен превод од српската именка ДОПУНА и сега ја слушаме на “македонски” – ДОПОЛНА. Требало да се направи ИЗМЕНА и ДОПОЛНА на законот. Или во множина – ИЗМЕНИ и ДОПОЛНИ на законот. Ова, обично, го слушаме на седниците на нашиот Парламент. Но, сме ја слушале и во други контактни емисии на телевизиите. Многу произволно “создаваме” некои нови зборови. Зборот ИЗМЕНА (ИЗМЕНИ) е од редот на апстрактните именки. Може и да се членува – ИЗМЕНАТА (ИЗМЕНИТЕ). Зборот ДОПОЛНА (ДОПОЛНИ), да речеме дека го прифаќаме, ќе биде исто така од спомнатата група. Како ќе ја членуваме? Ќе речеме, веројатно, дека ДОПОЛНАТА на законот беше извршена. Секако, дека не! Именката треба да си гласи ДОПОЛНЕНИЕ, ДОПОЛНЕНИЈА на законите.

Благоја Ивчески

Loading