Златко Ристески – директор на ЈП Комуналец
Освен градската чистота и беспрекорното уравување со отпадот, Комуналец во соработка со Локалната самоуправа работи на неколку проекти
Зенит: Паралелно сте ангажирани на неколку проекти како во градов така и во населените места?
Работиме интензивно пред зимата да ги завршиме барем некои од започнатите проекти. Пред крај е интересниот уредуван парк во селото Беровци на 3400 м2. Се работи третата парцела во “Димо Наредникот” на 3300 м2 со плочки на 1300 м2 со паркот и урбаната опрема. Со уредените 9000 м2, комплетно се разубави населбата Точила, со 28 декари, одзема енергија и пари. Предвидени се и водени површини. Само таму се проектирани 107 клупи и неколку детски игралишта. Инсталирана е мрежа за технолошка вода од трите ископани бунари и подигнати се жардењери на улиците “Војводинска” и “Самоилова”. Поставивме бехатон на тротоарите. Точила е европска населба и урнек како треба да изгледа урбан кварт. Почнавме и во типската населба, по инсталирањето на технолошката вода, се копа за осветлувањето. Овој парк подолго го одложувавме, заради финасиски средства. Зависно од временските услови, подготвуваме две групи да работат кај зградите пред касарната и населбата под касарни. Ќе останат уште Ѓогдере, со готов прекрасен проект и Бончејца. Ако не успееме есенва, ќе интензивираме напролет. 2013 година ќе ја одбележиме со свечено отворање на парковските, спортските и водените површини.
Зенит: Поставувате и бехатон на повеќе локации?
Ја завршуваме фреквентната “Партизанска” во Тризла и веќе сме на “Београдска”. Ја окончавме Вишне со улиците “Киро Крстески -Платник”, “Марко Цепенков”, “Душко Наумоски”, “Наум Наумоски – Борче” и Кејот на Дабничка Река. На Рид ја завршуваме “Мирче Ацев” и сите споредни улички. Ако работиме, ќе ги уредиме тротоарите насекаде, а граѓаните да се плашат ако не работиме. Реализацијата е во соработка со локалната самоуправа. Сé зависи од оперативниот план и финансиите. Како и да е, успеваме да го дотеруваме градот во кризава.
Зенит: Изменет е градот, и од аспект на уредувањето, и од чистотата?
Не би го постигнале тоа без упорноста на градоначалникот. Тој знае само за работа, работа и само работа. Приоритет му се граѓаните. Кога може да е на располагање 24 часа, зошто не би можело ЈП Комуналец. За чистотата, наметнавме темпо без враќање. Граѓаните увидоа што е чист град. Тие се во право да бараат чистота. Тешко се одржува голема територија, но назад нема. Има само напред во интерес на граѓаните.
Зенит: Воведовте и нов начин на управување со отпад?
Граѓаните плаќаат да им се чисти садот со смет и фирмите плаќаат да се кренат контејнерите. Нема застој, празник или недела. Сé е подредено да се мине релацијата. Набавени се дваесетина возила, смеќарки, трактори, кипери, товарни, скип машини. Нема зима, ниту жешко и тешко, кога се услужуваат граѓаните. Тука не штедиме. Уште се раскажува за времето како, кога ќе паднел снег, се радувале дека нема да излезат камионите 5-6 дена и ќе се заштедело гориво. Да, точно е дека така се штеди, но не се штеди на услугите платени од граѓаните.
Зенит: Како оди селекцијата на отпад и до каде е Центарот за управување со отпад?
Селекцијата оди одлично. Тимовите се на терен. Создадовме повеќе од 350 еколошки острови со по три контејнери за мешан отпад, пластика и хартија. Кај граѓаните дадовме 10 илјади садови за органски (влажен) и отпад за рециклирање (сув) отпад. Единствено во Прилеп функционира селекцијата на отпадот. Граѓаните ги едуциравме пред пет години и се навикнаа да го селектираат отпадот. Сватија и вработените и граѓаните дека иднината е во селекцијата на отпадот. За Центарот за управување со отпад, потпишан е договорот со фирмата Техникс од Хрватска, која понуди пониска цена од конкурентите. Ќе најдеме сили како да ја затвориме финансиската конструкција. Размислуваме дали е сега време или догодина? Можеби е потребна поддршка или храброст, можеби разбирање кај вработените, кои се приоритет. Се бара начин како финансиски да се затвори проектот. Но, ќе го реализираме проектот до крај. Центар за управување со отпад е предвиден за периодот 2012-2015 година. Треба да се брза и да се отворат нови работни места. Зависи од разбирањето на вработените и поддршката од локалната самоуправа.
Зенит: Има прашања за технолошката вода, царинскиот терминал, капелата. Но по толку работа, опозицијата обвинува?
Доаѓаат избори и имам разбирање. Фактите говорат друго. Боли што посегнуваат каде се внимава најмногу – кај работниците. Задоцнивме две плати заради царинскиот терминал кој имаше рокови за градба, или требаше да не постои. Набавивме 10 илјади канти за селекција. Инвестиција ќе се отплати. Решивме да “живее” терминалот и да ја надоградуваме селекцијата на отпадот. Ништо не запревме во интерес на граѓаните. Но, потфрливме кај платата. Остана уште септемвриската плата, за која не е изминат законскиот рок. Сé ќе се израмни. Лага е дека на вработените им должиме 45 милиони денари. Тешко погодува тоа, оти се заведуваат не само работниците, туку и граѓаните. СДСМ обвинува за кредит од 2005 година, кој го подигнале тогаш да исплатат плати, а одвај нивниот кредит од устата на сегашните вработени го доплативме во јануари годинава. На вработените нужно е да им се овозможи подобар живот. Најмногу се грижиме ако не се стигне со плата. Чепкаат дека земале мали плати. Колку за илустрација, чистач во која било државна служба со тоа образование зема од 8-9 илјади денари плата. Во Комуналец метачот заминува со околу 10 илјади денари, одржувачите на паркови 11500 – 12 илјади, косачите се некаде 13 илјади денари, подигачите на смет стигнуваат до 15 илјади и повеќе. Високото образование е од 14 до 16 илјади денари. Што тие да речат? Мораме да се солидаризираме со нискоквалификуваниот кадар, на штета на високообразованиот. Дури однадвор ги лажат работниците дека администрацијата на Комуналец земала по 25-30 илјади денари. Подбуцнуваат за тужби да им се плател К-15 за сите години. Кој директор не сака да даде разлика, ако има пари, ама нема за К-15. Законот вели дека доколку фирмата има можности и средства. Некој решил да си игра со судбината, па прави тужби, ги заведува, им смета колку ќе земеле. Револтирани сме, зашто некој, сакајќи да си истера инает, игра со неколкумина вработени. Не се занимаваме со сплетките и невистините, пласирани од два-тројца, а поддржани од опозицијата. Имаме план и програма оти приоритет на локалната самоуправа е градот и граѓаните. Работиме само во нивен интерес и за нивните пари. Плус за вработените, како да им се овозможи платата. Се бориме, ако се создадат услови, платите да се зголемат. Впрочем, кој директор не сака да биде сакан, но условите во Комуналец се овие. Инвестираме, враќавме и враќаме стари долгови, подобруваме градски услови, вработувавме за потребите на огромната територија за оддржување. Не треба да ги оптоваруваме граѓаните со високи сметки. Подобро е редовно да се земаат платите, отколку да ги зголемиме платите, а ќе мора да ја кренеме наплатата. Така, граѓаните може да ги изреволтираме и да не плаќаат. Тогаш дури ќе треба да се запрашаме, “што направивме?!”.