Ближи европскиот настап на Жито Прилеп
Долгоочекуваните женски ракометни мечеви од 2. коло на европскиот Куп на куп – победниците, Жито Прилеп – Лундагард се на 20 и 21 октомври во спортската арена “Сонце”. Гостинот е од Шведска, доволно зборува за квалитетот и го става во фаворитска улога. Наспроти скромните резултати во националното првенство. Таму Лундагард има три порази и една победа, на гости. Најефикасна со 27 гола е бекот Енгдал. Имаат само една од странство, десното крило Србинката Поповиќ, а најново засилување е бекот Андреиќ.
Во Жито Прилеп добија снимки од мечевите на противникот. Ова го потврдува сериозниот пристап. Нашиот тим гледа шанси за изненадување на моќниот ривал. Треба да се искористи домашниот терен. Популарната цена на блок – влезниците од 100 денари за двата меча ветува многу публика. Полните трибини даваат крилја. Од летото наваму се работи најмногу за овие натпревари. Нема повредени, а во строј се репрезентативките Наумоска, Серафимовска и Мркиќ. Викендов е првенственото гостување кај шампионот Металург, а потоа погледите кон КПК.
Швеѓанките доаѓаат в петок
Од клубот Лундагард најавуваат доаѓање в петок. Вечерта пред двата дуели планиран е тренинг во “Сонце”. Во сабота е првиот дуел, во недела реваншот. Терминот е двапати во 18 часот.
Победникот оди во 3. коло каде чека Иси Париз од Франција.