Виолета Лашкоска, директор на ОУ “Добре Јованоски”
За одличните резултати постигнати во минатата учебна година ја добивте наградата Нај училиште од нашиот неделник. Кој е одговорен за успесите?
– Во училиште каде мултикултурализмот е од најголемо значење, наградата за мене, а и за сите вработени и ученици од ОУ “Добре Јованоски” е огромна сатисфакција. Целиот кадар е заслужен за успесите на училиштето. Подмладениот наставнички кадар повеќе од успешно се вклопува во средината и идеите за проектите, главно, произлегуваат од нив. Тоа го прават во соработка со наставниците со повеќегодишен стаж, па спојот на еланот и искуството раѓа одлични резултати.
На 19-ти септември беше патрониот празник на училиштето. Како го прославивте?
– Со одличната соработка што ја имаме со останатите основни училишта, направивме манифестација, каде со лични творби, рецитали и други изведби се покажаа учениците од нашето, а и од другите училишта. Прекрасно беше чувството кога екипите од ОУ “Добре Јованоски” и ОУ “Рампо Левката” играа фудбал со невиден ферплеј, при што судија беше излишен. Го посетивме местото каде бил убиен нашиот патрон – Добре Јованоски кај Дабница и положивме свежо цвеќе. Му оддадовме достојна почит преку литерарно читање за неговиот лик и дело.
ОУ “Добре Јованоски” се наоѓа во повеќеконфесионална средина. Како успевате од разликите да направите бенефит?
– Училиштето го посетуваат голем процент на ученици од ромска националност, кои учат без никоков проблем со нивните врсници од македонска националност. Нема разлика меѓу децата, а задоволна сум што гледам дека е голема трудољубивоста и желбата за учење кај децата Роми. Во вакво мешано училиште, задоволство ми е да кажам дека во долгогодишната работна кариера немам видено нити чуено било каков инцидент на етничка основа. За унапредување на мултикултурализмот и бришење на етничкиот јаз се грижиме заедно со локалната самоуправа. Последен пример на тоа поле е новото фудбалско игралиште со вештачка трева, кое го користат првенствено учениците, а и нивните родители, кога има слободен термин. На патрониот празник, на 19 септември, градоначалникот Марјан Ристески ја шутна првата топка, означувајќи ново поглавје во и онака добрите односи во заедницата.
Кои проекти се остварени летово, а кои се очекуваат за понатамошниот период?
-Како што реков, новиот терен за фудбал со вештачка трева е направен во летниот период, за да почне да се користи со почетокот на учебната година. И во ентериерот се направени измени. За тоа најзаслужна е наставничката по ликовно образование Маја Најдоска. Таа постојано организираше групи ученици кои сакаа да сликаат и преку цело лето работеше во декорирање на училиштето со сликовни пораки за соживот и мултикултурализам. Во работата учество зедоа и родителите на учениците, па сега ОУ “Добре Јованоски” внатре е целосно во “ново руво”. Покрај тоа, први сме во градов кои треба да добиеме нова фискултурна сала од проектот на Владата на РМ – “фискултурна сала за секое училиште”. Апликацијата е предадена и имаме потврден одговор од соодветното министерство. Сакаме преку спортот да ги зближиме децата и да ги избришеме сите граници меѓу нив.
![]()

