Билјана Димеска – единствената жена риболовец во Прилеп
Таа е претседател на риболовното друштво Пец – пец кое е концесионер на прилепскиот дел на Црна Река во Мариово
Нема големо искуство во риболовот, но е запалена по спортскиот риболов веќе пет години. Мечтае да фати сом и да се бори како Старецот на Хемингвеј. Слободното време, два-трипати во неделата, го исполнува за дружење со природата и со прачката во рацете. Не ретко живарникот, металната мрежичка за чување фатени риби, í е полна со богат улов. Признава дека досега не фатила голема риба, покрај кленот од околу 250 грама, но се надева дека ќе се бори како лав кога ќе “запне” нешто крупно или некој сом. И сега, а тогаш, кога соништата ќе í станат стварност, уште повеќе ќе í се чудат сомничавите колеги, риболовци, кога ќе видат рибар од понежниот пол со рибарска прачка, со орша, конци, јадиците пливките и мамците покрај Црна Река во Мариово.
Нема конкуренција во “женска” категорија
Ова е кусата риболовна биографија на 33 годишната Билјана Димеска. Таа е првата жена риболовец, која од неодамна е и претседател на риболовното друштво Пец – пец.
– Станав “роб” на риболовот пред пет години поради природата, која ја сакам од душата и поради љубопитноста да ја почувствувам возбудата на мудроста на рибите и борбата да се извлече на суво кога ќе се фати на јадицата. Тоа ме исполнува, оти ја задоволувам страста да се надитрувам со рибите. Како претседател на Пец – пец присутна сум на риболовни натпревари, но не учествувам, оти немам конкуренција во мојата категорија, макар што понекогаш ми доаѓа да ги “одмерам силите” и со мајсторите на риболовот – вели рибарот Димеска.
Нема да í исчезне од главата првата риба, која ја измамила и која ја ставила во мрежата. Не била голема, но доволно да í зоврие крвта во вените и да се заљуби во риболовот.
– Првата риба ја фатив со пливка, а мамката беше бел црв. Ми се чинеше дека сум се качила на месечината, дека сум го “фатила светот”. Рибата тргаше да се ослободи од јадицата, а јас í се спротиставував. Треперев, тргајќи ја прачката кон копното, собирајќи го конецот со брзо вртење на машинката. Небаре битка меѓу Давид и Голијат, успеав да ја извадам рибата на суво и да “прогласам” победа, додеке “мојот противник” не го даваше животот лесно, даваше силен отпор, што се гледаше преку виткањето на врвот на прачката. Успеав да ја извадам на тревата, но уште не се предаваше и скокаше во тревата. И ја извадив јадицата од устата, а таа како да се скроти. Ја погледнав мило и ја ставив во мрежата во вода – го пренесува Билјана дебитирањето во риболовот.
Сом на прачка и се врти во глава
Првото чувство на среќа “втерало страст в коски”, да лови уште, и уште, и секогаш да биде незаситна.
– Умеам да врзувам јадици. Стекнав систем за фаќање риби. Со времето и со колегите научив и некои марифети за риболов, покрај трпението кога се очекува пленот да загризе. Нужно е мајсторство да се влече на прачката на страна, да се ослободи малку оршата и отпорот да се намали и да се пренесе на еластичниот врв. Ако нагло се повлече, може да се скине конецот, да се исчепи од јадицата или да се скине устата на рибата, која во својата средина, во водата покажува невидена жилавост и борбеност. Некои скокаат, бегаат кон брзаците да ја земат за сила и сојузник и моќта на водата. Други бегаат под камењата или во гранките и го заплеткуваат конецот. Потребно е вешто влечење, рибата да се извади на суво – пластично Билјана ги пренесува триковите и финесите за ловење риби.
Нејзин фах е ловот со пливка, со тапа, а за мамка користи, во зависност од рибите што се ловат, црвче, ларва, лепче, царевка, пченица, скакулец, или блинкер, воблер… Не пробала да “брка” пастрмка или некоја друга риба – грабливка на вештачки инсект.
– Сакам да фатам сом на прачка. Тоа ми е се врти во главата, макар што возбуда предизвикува и ловот на крапови и кленови. Ми се исчепиле поголеми парчиња. Мака ми е, ама се надевам на “нова среќа” – кажува Билјана, која рибари со пријатели и друштво.
Мераклија е на риболов на истечни води, иако í лежат и езерата. Вели дека движењето при риболовот или честото фрлање на мамецот е подинамично. Монотон í е таканаречениот начин – длабински – на езеро, со седење на столче и чекање рибата сама да се фати, кога ќе заѕвони ѕвончето. За нејзе тоа е пензионерски риболов што не í го активира адреналинот сосема.
Жена води 420 мажи
Димеска е претседател на спортско риболовното друштво Пец-пец. Таа е менаџер на 420 машки члена. Од неодамна Министерството за земјоделство го пренесе управувањето на Пец-пец, по огласот за концесијата на реката Црна во Мариово, од вливот на реката Сатока до вливот на Тиквешкото Езеро,
Наскоро Друштвото ќе издава дневни, месечни и годишни дозволи за спортски риболов за овој ревир, а во меѓувреме го контролира спортското рибарење со 15 чувари, обезбедувачи од агенција, полиција и инспектори со цел да се заштити рибниот фонд и да се спречат “рибарите” кои го напаѓаат целиот животински свет во Црна Река со бомби, експлозиви и мрежи. Најавуваат порибување со подмладок на крап и јагула, иако немаат обврска за збогатување на живиот свет во реката. Не е исклучено да населат и млади пастрмки.
Рехабилитација на Црна со риби
Од Пец – пец велат дека реката е полна со сомови, кои се ловат. Се почесто излегува и крапот, а последно време јади и штуката, која не се знае како се населила. Кленот и мренките се стандардно лакоми, а концесионерите постепено ќе ја враќаат и попадиката, која исчезна со прекумерниот неспортски риболов со раце во време на мрест и ловостој. Ова време се “вади” и по некое парче карас. Активен е и скобалот.
Со новите концесионери, се ограничува ловот на риби според Законот не само според количините, туку и според големината. Може да се улови само едно поголемо парче сом не покусо од 70 сантиметри, а рибарите во мрежите дома, можат да однесат најмногу три килограми со одредена димензија. Со секоја членска книшка, се дава прирачник со правилата за рибарење. Особено ќе се штити реката во времето на мрестот на рибите и ловостојот, зашто тогаш најлесно се уништува рибниот свет.