Министерот Јанакиески со градоначалниците и стопанствениците во пелагонискиот регион
Забрзан економски развој и нови вработувања се очекуваат во пелагонискиот регион со рехабилитацијата на железничката пруга кон Грција со 8,6 милиони евра, средства од фондовите на ЕУ, со што солунското пристаниште ќе биде подостапно за стопанствениците. Со европски пари ќе се реновира и железничката станица во Прилеп, а се очекува освежување со пари од ЕУ и за патниот правец Прилеп – Битола.
Пред градоначалниците и стопанствениците од пелагонискиот регион, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески го претстави проектот за рехабилитација на железничката пруга Битола – Кременица, што води до граничниот премин со Грција, со изградба на крак до индустриската зона Жабени.
– Проектот е вреден 8,6 милиони евра. Се работи проект кој треба да биде готов во март в година. По европските правила треба за 6 – 9 месеци да се избере градежна компанија и на крајот на 2013 или во 2014 г. избраната компанија, ќе треба да го финализира проектот за 18 месеци. Тоа ќе е уште една алтернатива за извоз од индустриските зони или влез на добра, потребни за производство и уште поголема атрактивност на индустриските зони во Битола и Прилеп за привлекување на домашни и странски и инвеститори во пелагонискиот регион – вели Јанакиески.
Ќе се обноват поголемите железнички станици, како во Велес, Прилеп, Битола и уште 7 други. Третиот проект за кој треба да се добие одговор во декември е за рехабилитација на патниот правец од Прилеп до Битола и до граничниот премин Меџитлија.
– Со подобрувањето на железничката и патната инфраструктура ќе се напредува, а идните инвеститори ќе имаат подобра комуникација со регионот и државата. Во тек е тендерот за транспортниот центар со автобуска, а со реконструкцијата на железничката станица со овој проект, Прилеп ќе добие современ транспортен центар по европски терк – смета градоначалникот Марјан Ристески.
Стопанствениците пополнија анкетни листови за реконструкцијата на железничката пруга.