ПРОМОЦИЈА НА ТАИНСТВЕНИТЕ “СТРАВОВИ” ОД МЕЛВИЛ

Од издаштвото на Зенит – промоција во Библиотеката

Романот “Стравови” од прилепскиот автор Даниел Мелвил, издаден од неделникот Зенит, пред читателската публика ќе биде претставен вечерва од 19 часот во Библиотеката “Борка Талески” од промоторот Виолета Христоска.

Книгата е интересен кус популарен роман, со многу заплети наменет за пошироката читачка јавност. Се испреплетуваат повеќе жанрови низ плејадата на ликови кои читателот ќе го “заковаат” додека не ја прочита последната страница. Одличен склоп за акција и трилер, кој преку главниот лик нé водат до неизвесниот финиш. Делото е пишувано на француски јазик. Авторот ја преведе на македонски за да í приреди воодушевување на нашата јавност со енигматичната содржина,

Даниел Мелвил повеќе од 40 години живеел во Франција и Швајцарија. Седум години пак е прилепчанец. Не исчезнала носталгијата за градот и се вратил дома, оти во младоста бил предводник на градската творечка авангарда. Пишувал проза и поезија. Неговите младешки творби во поранешна Југославија биле прогласувани за најдобри. Од француски го превел ремек делото  “Тајната на жолтата соба” од Гастон Л’Ру. Преведувал и на француски. До француската публика го доближил романот “Пасквелија” од Живко Чинго.    

Неделникот Зенит досега издаде четири книги – “Миговна бројаница” од Васе Митреска, “Изменет предел” од Благоја Јованоски и “Сеќавања до деветтата” и “Јазичен агол” од постојаниот соработник Благоја Ивчески.

Loading