Прочитавме, ќе се играла комедија од Шекспир на прилепската сцена. Одлично! Радосна вест. Претставите од Шекспир секогаш причинуваат радост. Овој пат станува збор за комедијата “Многу врева за ништо”. Го споменуваме овој наслов бидејќи, некаде далеку, во педесеттите години од минатиот век, комедијата беше играна во МНТ – Скопје, токму со тоа име. Насловот на оригиналот гласи “Муцх адо абоут нотхинг”, а “Многу врева за ништо” е сосема соодветен превод.
Сега ситуацијата е нешто поинаква. Комедијата (со новиот превод) ќе носи наслов – “Од влакно ортома”. Не сме сигурни дали преведувачот не направил од готово вересија. Ќе објасниме подолу зошто мислиме така а сега ќе приведеме неколку преводи на насловот (од англиски) на некои други јазици. Рускиот превод гласи – “Много шума из ничего” (се чита: Многа шума из ничево. На српски (превод на Хуго Клајн) гласи – “Много вике ни око чега”. На бугарски преводот е – “Много шум за ништо”. Како што гледаме, преводите се идентични и јасни. Значи јасно е дека станува збор за тоа оти од мала ситница се направил голем проблем. Можеби во овие држави да има и поинакви преводи. Не сме сретнале. Сегашниот наслов рековме дека гласи – “Од влакно ортома”. Се разбира, преведувачот има право да направи превод и со други зборови и со други конструкции, но битно е да биде погодена суштината, смислата на оригиналот. Да биде јасно, како што би рекол нашиот народ дека некои, во определена ситуација, направиле – “Од влакното – руно”. Дали е наполно јасен исказот – “Од влакно ортома”? Дали е погодена суштината? Ќе приведеме неколку слични реченици: “Од манила ортома”, “Од пластика ортома”, “Од коноп ортома”. Сиве овие реченици покажуваат од што е направена ортомата. Едната од манила, другата од пластични конци и третата од коноп. Многу е слична ситуацијата и со реченицата “Од влакно (влакна) ортома”. Значи, ортомата е направена од влакно. За да се добие значењето дека некои направиле непотребен проблем, односно, дека од ВЛАКНОТО направиле ОРТОМА, за да се разбере тоа, нужна е посебна интонација. Би рекле дури и специфична интерпретација. Секоја реченица има свој логичен акцент. Кој збор во реченицата ќе го добие логичниот акцент зависи од повеќе околности. Тој може да биде различен. Во односниов наслов, логичниот акцент, да речеме, може да биде на зборот ВЛАКНО и ќе се добие значењето дека ортомата е од влакно. Акцентот може да биде и на именката ОРТОМА. Точно е тоа. Но, на читателот со ништо не му е укажано, не му е сугерирано, каде да го стави акцентот, каде да ја насочи својата мисла. Затоа, сметаме дека исказот – “Од влакно ортома” не е доволно јасен, не е доволно прецизен. Треба малку да се поддотера, да се поизбистри, за да биде јасен.
Да се поддотера?! Но, како? Дали нешто недостасува? Што е тоа што, евентуално, недостасува? Подолго време размислувавме и пребарувавме. Го отворивме и Правописот на македонскиот литературен јазик, издаден од “Просветно дело” во 1979 година. На страниците 133, 134 и 135 се објаснува во кои случаи се користи ЦРТА (тире). Во точката 295. пишува: “За да се покаже дека реченицата завршува спротивно од она што очекува читателот, да се потсили неочекуваноста, се пишува ЦРТА (тире) пред зборот каде што е тоа најизразито”. Потоа се наведени неколку примери. Ќе наведеме само еден – “Ти ум бараш од него, тој – заспал”.
Во овој текст на Правописот треба да се бара евентуалниот лек за насловот – “Од влакно ортома”. И овде реченицата завршува спротивно од она што би помислил читателот и затоа треба да се употреби ЦРТА (тире) пред зборот ОРТОМА – “Од влакно – ортома”. Цртата означува и поголема пауза, а со тоа и интонирањето станува поинакво, понијансирано, па и појасно. Можеби уште подобро и појасно ќе биде ако се членува именката ВЛАКНО – “Од влакното – ортома”. Но и без тој член, цртата би ја завршила главната работа. Би ни кажала дека не станува збор за тоа од што е направена ортомата туку дека некои луѓе ја претерале работата и проблемот голем колку влакно, го зголемиле како ортома.
Уште при првото читање на насловот, интуитивно насетувавме дека нешто недостасува. Веруваме дека го откривме недостатокот – ЦРТАТА. Таа малечка црта, малечка колку влакно, а сепак голема колку ортома.
Благоја Ивчески