НЕ СТИВНУВААТ ПРВИТЕ МЕСТА ОД ОУ “ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ”

Леонид Вандески од седмо одделение во ОУ “Гоце Делчев” на првиот негов натпревар, по само три месеци тренинг, успеал да го освои првото место на трката на 600 метри, во натпреварот за атлетика во Куманово, организиран од Атлетската федерација на Македонија. Со време од една минута и 58 секунди го подобрил својот досегашен рекорд. Учествувал во категоријата пионери и зад него “голтале прашина” Англичанец и двајца кумановчани.

– Се подготвував со строг режим на исхрана и вежбање на старт, кондиција и финиш. Два дена не правев ништо да бидам одморен за настапот – кажува Леонид, кој продолжува да го носи факелот на атлетиката во семејството. Пред него, многу успешна била сестра му Фросина Вандеска, а и татко му го советувал да се посвети на овој спорт.

Во Куманово се запознал со доста натпреварувачи со кои често ќе се гледа од мај следната година кога почнуваат натпреварите во сите категории.

Решен е само со трча, а со тек на времето да го урива рекордот на “гепардот” Усаин Болт.

Со освоеното прво место, му недостига уште едно на државен натпревар да добие државна спортска стипендија. Рано му е да размислува за средно образование, ама гимназијата и економското му се вртат во главата.

Loading