Ракомет: Тамара Стојановиќ, бек – крило во Жито Прилеп
И при победа и при пораз исто се учи, најбитно е да се остави срцето на теренот – смета Црногорката
Година и неколку месеци дресот на Жито Прилеп го носи 19-годишната Тамара Стојановиќ. Од аматерскиот РК Деветка дојде во професионалниот погон со цел да напредува. Крајната амбиција е еден ден да настапува во Лигата на шампионите.
– Тоа е мојата желба, но постепено, без прескокнување, сé по ред. Одбрав вистински клуб. Примени сме прекрасно од управа до публика, која нé препознава. Условите се одлични – вели Црногорката.
Минатата сезона почна како десно крило, а сега од тренерот Борче Марковски добива задача на десен бек. Често е меѓу најдобрите стрелци од контри или акции, кога се издигнува над блокот. Шутот е специфичен, не премногу силен, но прецизен, голманката очекува во едниот, а топката во другиот агол.
– Од мала играм на двете позиции. Лани недоволно подготвена бев повеќе крило, а сега бек. Мое е да дадам максимум. Практикувам и индивидуални тренинзи. Од странство сум дошла не да седам дома, туку да се трудам, да сум двојно подобра – истакнува Стојановиќ.
Есента почна променливо. Прво беше поразот на гости од Металург јуниор (28-26), после победата над Куманово (30-24). Кое е вистинското лице? Грешките се согледани, има време да се корегираат во пресрет на европските натпревари дома, на 20 и 21 октомври со Лундегард од Шведска.
– И при победа, и при пораз се учи. Најбитно е да се остави срцето на теренот – порачува Тамара Стојановиќ.
Има договор со Жито Прилеп до летото 2013.
Пауза
Викендов нема првенствени мечеви, поради пријателските, репрезентативни Македонија – Црна Гора. За македонската репрезентација се повикани Наумоска, Серафимовска и Мркиќ.
Следната борба за бодови е на 14 октомври, кога Жито Прилеп оди кај првакот Металург.