ЛЕГЕНДАРНИТЕ КАМЕЊА ОД МАРУЛ

ЛЕГЕНДАРНИТЕ КАМЕЊА ОД МАРУЛ

Од окната “излегувале” вајани воденички камења, камен за казарници, камени бутини, корита…

Градба од одбранбен карактер на импонентна височина доминира над пелагониската котлина. Се вика Веслец и датира од времето кога коњаници биеле битки. Бранителите ја имале Пелагонија како на дланка, па не им било тешко да ги одбијат непријателските коњици. Под ова стратегиски важно место се наоѓа селото Марул, во кое, во зенитот на постоењето, вриело од народ со 60 домаќинства.

Марулчанецот Томе Велјановски, роден во 1945-та, а од 1971 живее во Шведска, со компјутерско сеќавање раскажува за подемот и падот на селото.

– До што беше војска поминуваше низ овој крај. Многу загинати Арапи, Турци, Срби, Бугари, Германци, Македонци…, не им се знае ни гробот, ниту бројот – кажува за селото Велјановски.

Од полно народ, во 1970-та селото почнало да се иселува, кој во Прилеп, кој во странство. Останале само немите сведоци – прочуените марулски воденички камења. Да можат да зборуваат би раскажале за зулумите на турските бегови, за Толе Паша, за секојдневниот мачен живот…

Здрава машка рака

Ама, живата енциклопедија, Томе Велјановски, убаво се сеќава на сé што се случувало. Наместо да пие и да се коцка со другарите, со моливот и со тефтерчето цело слободно време го поминувал, прашувајќи ги постарите за случките врзани со селото. Напамет ги знае сите живи и мртви селани. Покрај неколкуте издадени книги, може да напише и родослов на селото Марул.

Точно памети, како да било вчера, од кое место се вадел познатиот марулски камен. Марулскиот “Ел Дорадо” го нашле на чекор од нивното село. Речиси сите селани имале здрава машка рака за вадење и сечење камења, дарени од природата, со квалитети, непознати за другите окна. Наместо на печалба, луѓето ваделе убава пара од камењата со труд. Не е за чудење дека сите околни села имале воденици со камења од Марул. На каменот, ваден рачно со казми и чивии, народот му ја знаел мерата, дали е за бунар, за воденички камен, за корита, за надгробни камења… Толку бил квалитетен, што секоја фамилија имала посебно окно за вадење камен, а извадениот никогаш не останувал не продаден на прилепскиот и битолскиот пазар. И покрај тоа што бил за лира и пол поскап од камењата од другите села. За марулскиот камен разбрала дури и Портата на Отоманскиот султан.

Камен место, јабана

– Овде е Америка – воскликнал Ристе Јанкоски – кој од камењата собрал 250 лири да ја купи најарната нива – кажува Велјановски.

Во работата некои ги оставале коските во јамите. Судбина му била окното да му биде гроб на Мојсо Колески, оти го пресекла карпа наполу во 1893 година.      

Не било лесно да се пренесат камењата од Марул до Битола или Прилеп. Се мачеле и луѓето и воловите. А и колата се загревала, па морало да се носи вода за ладење на тркалата, кои стенкале и квичеле под тешкиот товар.

Велјановски раскажува дека на едно семејство му се скршил воденичкиот камен при товарењето. Бидејќи каменот бил пазарен, натовариле камен блок на колата, кој по пат го исчукале со алатот на кола и стасале навреме на пазар.

Ама индустрискиот прогрес го уништил долгогодишниот углед на марулските камења. Од 1930-та, со појавата на фабрички камења, исчезнал интересот за марулските. Останал само митот за нив, кој го овековечил Велјановски во една од неговите песни.

Народот во Марул бил по земјоделството. Позната била пченицата, тутунот, лозјата, сливите и медот од пчелите. Чувале и крупен добиток, и ниту една педа земја не била необработена. Ама земи-додај, пак одвај се врзувало крај со крај и им стасувало само за леб и сол.

Марулските камењари

Давај ме мајко, давај

во Марул не ме давај

Марулани се мила мамо,

стари – млади сите камењари.

 

Дома не си идат, мамо,

својте куќи да ги видат.

Деца, жена да си видат

Со нив дома да си бидат.

 

Во стените дење камење сечат

од Веслец ноќе, дрва влечат

дрвен ќумур да направат

потребните алати да си ги поправат.

 

Во Битола на пазар

со камења тие поаѓаат.

Од пазар за дома

со пари си доаѓаат.

 

Беговски чифлизи да купат

македонска земја да откупат.

Денови верски да си слават

свадби, крштевки да прават.

 

Томе Велјановски

Loading