Фестивалот “Пиво фест” е најуспешен туристички настан за 2012 година според Министерството за економија. Признанието на градоначалникот Марјан Ристески му беше врачено на пригодна свеченост на светскиот ден на туризмот – 27 септември.
Признанието доаѓа како резултат на креативниот ангажман на целиот тим што го организираше “Пиво фест”, кој придонесе фестивалот да стане препознатлива манифестација не само во земјата, туку и во странство во изминатите години.
– Задоволство е да се биде број 1 манифестација и да се прими наградата. Голема е сатисфакцијата, особено по јубилејот, десет години, да се биде супер бренд не само на Македонија, туку и на Балканот. Голема благодарност до тимот кој го развиваше фестивалот и до пиварниците и угостителите присутни на “Пиво фест”, но и до прилепчани, кои се покажаа како добри домаќини. Резултатот дојде заради тоа што применувавме сé што е позитивно од другите фестивали. Се надевам дека наредниот “Пиво фест” ќе ја надмине бројката од 400 илјади посетители – изјави градоначалникот Марјан Ристески по добивањето на признанието.
Министерот за економија Ваљон Сарачини изјави дека имале тешка задача да се одберат најуспешните во туризмот.
– Тоа секако не беше случајот со Прилеп затоа што се создаде нешто што го виде цела Македонија. Им препорачувам на останатите градоначалници да го следат примерот на Ристески. Барем половината да го прават тоа, кај ќе ни биде крајот. “Пиво фест” е одличен настан, на кој доаѓаат и странски туристи. Стана традиционален и луѓето специјално доаѓаат за него – изјави Сарачини.
Според него, биле евидентни мерките и ефектите што ги презела Владата за развој на туризмот.
– Лани субвенциониравме 50 милиони денари за донесени странски туристи и еве добивме добар резултат. Годинава повторно беа одделени 2,5 милиони евра за дополнителна промоција, го намаливме ДДВ за туристичка дејност. Во Македонија е зголемен процентот на туристи за 10,5 отсто. Очекувам овој тренд да продолжи. До 2015 година планираме девизниот прилив од туризам да биде 4 – 5 насто од бруто домашниот производ – додаде Сарачини.