Тренчо Димитриоски
Во проектот “Идентификување на културните вредности на древниот град Прилеп”, новинарот и истражувач Тренчо Димитриоски, во петтото предавање ги изнесе сознанијата за христијанските градби и развојот на христијанството во стариот Прилеп. Посочи дека открил остатоци од стара црква на досега непозната локација под Маркови кули.
– Црквата се наоѓала на пониските падини од источната страна на Маркови кули. Открив остатоци од малтер со живопис во повеќе бои, остатоци од бигорен камен, како и друг градежен материјал и фрагменти од покривна и градежна керамика. Имало и остатоци од керамички садови од различни периоди, а се наоѓале и монети од средниот век, како и многу клинови со различна големина и игли – вели Димитриоски.
Според преданието, во градот постоеле дури 77 цркви, што говори дека секое семејство имало своја црква. Со археолошките истражувања последните педесетина години, потврдено е дека постоеле дваесетина цркви.
Преданието го запишале Марко Цепенков, Георги Трајчев… Кај Цепенков е пренесено: “Се велит од старите, оти во с. Варош имало во старо време 77 цркви, сите со зулум биле праени и затоа само неколку има здрави: Св. Димитрија, Св. Никола, Св. Петар и Св. Пречиста. Една има урната и недоурната, а друзите до 71 сет изурнати досамо земи”. Според повелбите од царот Стефан Душан, во негово време, односно ЏИВ век во Варош егзистирале црквите Св. Архангел Михаил, Св. Никола, Св. Петар, Св. Теодор Тирон, Св. Теодор Стратилат, Св. Петка, Св. Георгија, Св. Кузман и Дамјан, Св. Варвара и Св. Јован Продром.