Болеро Плус
Гратис салата од зелка и музика на увце
Добро познатиот ресторан во срцето на градот, Болеро се ребрендира и станува Болеро Плус, откако се смени сопственичкиот тим. Браќата Кире и Гоце Грозоски ќе му дадат само нов шмект на амбиентот, создаден за вкусување на прекрасна угостителска храна во топла, интимна атмосфера. Извршија освежување на ентериерот без поголеми инвестициски вложувања, сакајќи да ги задржат старите посетители, односно големиот број задоволни гости. Како добро познати бизнисмени, со долго искуство во прехранбената и парфимериската трговија, бизнисот го прошируваат и со угостителство. Првенствениот мотив за ресторанот биле блиските пријателски односи со сопственикот на објектот. Стартот го означија со бројни гости, како што прилега, по прилепскиот терк на чаршијата, во среда, за среќно.
– Идејата дојде, спонтано, откако разбравме дека ресторанот е слободен. Решивме да пробаме како ќе биде, бидејќи тука бевме чести гости. Сменивме теписони, тапациравме некои работи, исчистивме, поставивме нови светилки. Освежен е ентериерот, со што сменет е изгледот на подобро. Убава работа е што го начекавме ресторанот наместен, во работна кондиција до последниот момент со предходниот газда. Освен малите додадени освежувања, немаше некои покрупни вложувања – велат браќата Грозоски.
Ресторанот секогаш имал добра клиентела, затоа што локацијата и амбиентот е погоден за фамилијарни луѓе, за двојки, со пријатна клима, во градба од камен со повеќе сепареа, односно разигран стил, или просто речено, вистински македонски традиционален ресторан.
Планираат да го надополнат менито со пилешки котлети, печено на сач, полнета плескавица, што е специјалност на готвачот, како и јадење од прилепското поднебје. Свински печења, јагнешко, ќе има по порачка за да биде тазе направено.
Добра подлога на угостителскиот бизнис е колонијалната продавница, откаде во секое време ќе се врши брза и квалитетна достава на зеленчук и овошје. Набавката на прехранбените намирници од прва рака ќе придонесе за поконкурентни цени на јадењата, особено на сезонските салати.
– Ќе има летни цени на салати. Зелката ќе се служи бесплатно целата година. Со секоја чашка ракија, ќе следува гратис салата од зелка. Работи успешно и колонијалот, па зеленчукот и овошјето кое го набавуваме на големо, може да се користи во ресторанот, со тоа веднаш цените стануваат попристапни – откриваат новите сопственици, браќата Грозоски.
Ресторанот Болеро Плус има капацитет за 70 – 80 гости со комотен распоредот на масите. Ќе има музика на увце, без озвучување со порачки на песни од гостите.