КЛУБОВИ БЕЗДОМНИЦИ

Фудбал: Порано недостасуваа екипи, сега – терени

Проблемот тежи на Корзо, Пролетер, Прилеп сити…

Како луѓето бездомници, постојано во потрага по засолниште, дел од фудбалските клубови од општинава секојдневно бараат терени за тренинг или натпревари. Дури и второлигашот Корзо се мачи. Полупрофесионалната екипа за резултати, нема видено соблекувални, топла вода… Фудбалерите воигруваат акции на тесен простор, на паркет, во салата “Македонија”! Вежбаат мал фудбал, а во сабота играат голем.

Од клубот долго време тивко зборуваат, плашејќи се да не бидат погрешно протолкувани. Не креваат врева, а така никој не може да ги слушне. Најблиските приврзаници не трпат повеќе и подготвуваат петиција. Предлог им е игралиштето на Могила да се додели на најблискиот клуб, Корзо.

Има и други клубови со иста мака. Во третата лига Братство од Житоше цела ланска сезона само гостуваше или беше домаќин на неутрален терен. И есенва немаат сопствено игралиште, патуваат до Лажани. Во општинската лига Тризла игра на теренот од ФК Варош кај Институтот, Прилеп сити го прилагоди од Металец. Најактуелен деновиве е ФК Пролетер. По двете победи на гости, викендов првпат треба да биде домаќин, но каде? Првата опција е в недела без гледачи во воен објект, на Гарнизон, втората в сабота на Спортски центар.

Единствени “под покрив” на стадионот “Гоце Делчев” засега се Победа јуниор и 11 Октомври. Победа ги користи најубавите простории, а 11 Октомври на другата страна, реновираните. Нема кавги при користење. Добро е ако се отстранат нерамнините и дупките.

Два меча

Викендов Победа гостува кај Скопје, а дома играат, в сабота (15 ч.) Корзо – Гостивар, в недела 11 Октомври – Охрид. Трета лига: Братство – Борец, Партизан – Младост, Г. Коњари – Кожуф, Млекар – Вардарски, Росоман – Тополчани, Вардар – Кадино. Општинска А: Чепигово – Гарван, Варош – Динамо, Слога – Кадица, Козара – Тризла, Обршани – Прилеп сити, Пролетер – Боротино. Општинска Б: Беровци – Илинден, Ц. Ѕвезда – Црнилиште, Клепач – Напредок, Пелагонија – Канатларци.

Loading