ЌЕ НИКНЕ ТРАНСПОРТЕН ЦЕНТАР КАЈ ПРОТИВПОЖАРНИОТ ДОМ

Се продава плац од пет ипол декари за автобуска станица и пумпа и деловни објекти на приземје и два ката

Пожарникарите ќе се селат во реконструираното старо индустриско училиште

Продажба на простор за градба на транспортен центар во близината на железничката станица, објави локалната самоуправа. Се бара инвеститор за градба на автобуска станица за локален, меѓуградски и меѓународен сообраќај и придружни угостителски, трговски објекти, паркинг простор и бензинска пумпа…

Според Тања Попоска, од локалната самоуправа, на просторот од 5299 метри квадратни ќе никне транспортниот центар, со приземје и два ката на површина од 3723 метри квадратни, во кој е планирано инвеститорот да ја пресели руинираната автобуска станица од центарот на градот на новата локација.

– Просторот ќе се продава на електронска аукција со почетна цена од 890 денари за метар квадратен, со чекор за наддавање од 90 денари. Огласот е во тек, а потенцијаланите инвеститори до 24 октомври можат да земат документи за наддавање со уплата на два отсто од почетната цена и со банкарска гаранција од десет милиони денари. Аукцијата ќе е на 30 октомври – вели Попоска.

Да го остварат проектот, локалните власти дадоа виза инвеститорот да го урне постојниот противпожарен дом, а противпожарната единица да се пресели во реновирани простории на стариот објект на средното училиште “Ристе Ристески – Ричко”. Се предвидува и дисперзија на противпожарната екипа и во кругот на касарната и во населбата Марино маало.

Loading